ВМРО-ДПМНЕ: “Кирацоски зборуваше за безбедност, а во градот владее хаос и терор. Дојде животот во Прилеп?!”

Прес-конференција на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп

(Во продолжение интегрален текст и видео од денешната прес конференција)

“Прилеп стана најнебезбедно место за живот!

Вчера, сред бел ден, во центарот на градот се случи разбојништво како од филмовите.
Имено, три лица, кои според кажување на медиумите без маски, со употреба на пиштол, во строгиот центар извршија разбојништво пред очите на присутните, одземајќи огромна количина злато, и причинувајќи огромна штета по сопствениците на една од златарите.

Дуќанџиите, истите оние за кои Кирацовски пред некој ден кажа дека биле презадоволни од владеењето на СДС, беа сведоци на овој грозоморен настан, со кој Прилеп се враќа во времето на теророт и хаосот, времето кога СДС беше на власт, а безбедноста беше на најниско ниво. Прилепчани добро паметат како пред нешто повеќе од 10 години, се фрлаа бомби по дворовите на наши сограѓани.

Потсетуваме и дека пред само неколку дена, лице со качулка влезе во прилепската пошта и со употреба на бејзбол палка, зеде над 35.000 денари, притоа повредувајќи го еден од вработените во оваа установа.

Ова ли е европски Прилеп кој го ветуваше СДСМ во предизборната кампања? Oва ли е животот кој го ветуваа, живот во кој прилепчани секојдневно сведочат за тепачки, насилство, запалени автомобили, разбојништва?

Прашуваме, што ли прави полицијата во овој град?

Оваа состојба на општ хаос говори неколку работи. Прво дека има лоши кадровски решенија, кои мака мачат да се справат со криминалците во градот, кои од ден на ден земаат се поголема сила и замав. Второ, непотизмот кој СДС го практикува со вработуање на роднини и пријатели на високи партиски функционери во институциите вклулително и прилепската полиција, наместо професионалци, вродува лоши резултати за обичните граѓани. Трето, законот со кој СДСМ ги ослободи криминалците од затворите во замена за гласови, полека но сигурно го зема својот данок.

Причинета е огромна штета.
И наместо да ја замајуваат јавноста, дека се преземаат некакви мерки, нека го слушнат гласот на народот кој се плаши слободно да прошета на улиците затоа што негрижата од владеачката гарнитура, го доведе Прилеп на исто рамниште со Дивиот запад.
Граѓаните со право се плашат за својата безбедност. Стравуваат за сопствените животи, затоа што Прилеп не памети хаос и безредие од вакви размери.

Затоа оваа власт мора што поскоро да си замине. Затоа што секој изминат ден, носи само црнила и лоши последици по сите. Бараме одговорност за ваквата состојба како од Оливер Спасовски, така и од кадрите поставени од негова страна! Ова безредие мора што поскоро да заврши!”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.