ВМРО-ДПМНЕ е основана на 17 јуни 1990 година во Скопје, како наследник на историското ВМРО, кое се залагаше за независна и самостојна Македонија.
Ова е период кога уште формално правно, но и фактички постои СФРЈ, период во кој како што велат тогашните активисти на партијата било тешко да си ВМРО, тешко да бидеш демократ, да се бориш за владеење на правото и вредностите на цивилизираниот свет.
Новосоздадената партија ВМРО-ДПМНЕ во тоа време се залагала за одделување на Македонија од југословенската федерација, воскреснувајќи ја идејата за самостојна и суверена македонска држава, за заокружување на македонската државност и за меѓународно признавање.
Пред 28 години на 6 и 7 април 1991 година во Прилеп, беше одржан првиот Конгрес на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
На овој Конгрес е воспоставена партиската инфраструктура, ИО преминува во ИК, а секциите во општински комитети, за претседател е реизбран Љубчо Георгиевски.
Мотото на Конгресот било „Самостојна и независна Македонија – Воскреснување на идејата за самостојност“.
На 6 и 7 мај 1995 година во Кичево пак се одржал вториот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, каде партијата ја доби својата идеолошка определба – демохристијанска партија што дејствува десно од центарот.
Партијата од тогаш до ден денеска беше 14 години на власт, а победи и на последите парламентарни избори одржани во декември 2016 година, но поради определбата и понатаму да ги брани државните интереси не успеа да формира Влада.
Денеска со почеток во 19:00 часот, во Македонска Филхармонија, ќе се одржи прославата по повод 29 годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ.
На настанот свое обраќање ќе има Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.