ВМРО-ДПМНЕ: ”Двојазичен и уништен Прилеп, тоа се делата на градоначалникот?!” (ВИДЕО)

Денеска Советот на општина Прилеп ја одржа својата 13-та седница, а после седницата изјава за медиумите даде координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески.

Изјавата ја пренесуваме во целост:

“На денешната седница на советот на општина Прилеп, видовме како СДС нема ниту капацитет, ниту знае како да владее, ниту на локално ниту на централно ниво. На денешната седница на советот на општина Прилеп, советниците гласаа за поништување на одлуките кои сами ги донесоа на последната, претходната седница.

Имено на претходната седница ние со аргументи им се спротивставивме на донесувањето на одлука за поскапување на цените за давање на закуп на тезги на дисперзираните пазари во градот од страна на ЈКП Пазари, но тогаш директорот и советниците не ги послушаа нашите аргументи и ставови и изгласаа одлука за поскапување од цели 500% на нивните услуги, имено од 500 денари на 3000 денари.

ВМРО-ДПМНЕ одржа пресконференција и контактираше со граѓаните и засегнати лица и на оваа седница гледаме под притисок на јавноста градоначалникот донесе решение за повлекување на претходната одлука, одлуката која советниците на СДСМ на минатата седница ја донесоа.

Ова е апсолутно неконзистентно и правење на циркуз од советот на општина Прилеп. Пред само 20 дена уште нестапена на сила одлуката, тие сега ја поништуваат, несакајќи да ги слушаат добронамерните сугестии и аргументи од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Со ова се покажа дека ниту имаат концепт ниту знаат како да владеат ниту на локално, ниту на централно ниво. За само 6 месеци на локално и нецела година на централно, тие ја клекнаа државата на колена. Нема проекти, нема 500 евра плата, нема повисока социјална помош, нема 100.000 денари плата за лекарите.

Нема ништо, само лаги и лицемерие. Има едно нешто. Има непотизам, се вработуваат на големо блиски роднини и пријатели на функционерите на СДСМ, има вработување по партиски клуч и ништо друго.

Почитувани сограѓани ова укажува само на едно. Оваа власт мора што побрзо да си замине и да дојде власт на чело со ВМРО-ДПМНЕ која знае како се работи во интерес на граѓаните и како се работи во интерес на градот и државата.

Се со цел да си задржиме и поубав град и да си ја зачуваме државата, бидејќи во минатиот период се донесе неквалитетен договор со Бугарија, се донесе закон за двојазичност и сега се работи на разнебитување на името и националните интереси.

ВМРО-ДПМНЕ ова не го поддржува, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш јасно и гласно кажува дека не поддржува промена на устав со цел промена на уставното име и секогаш ќе бидеме на браникот за зачувување на македонскиот идентитет”.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.