Една година СДСМ, една година лаги, расипништво и економска катастрофа. Република Македонија економски тоне, во услови кога цела Европа бележи раст, нивото на раст на БДП кај нас е 0%. Повисоки пензии нема, а просечната плата во февруари во однос на јануари оваа година е помала за 900 денари, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Градежништвото кое влече околу 20 придружни индустриски гранки е во пад. Бројот на издадени градежни дозволи во март оваа година е за 45% помал во истиот период лани. Власта не работи за граѓаните, туку за бизнис картелот на чело со Зоран Заев. Даноците се зголемуваат, граѓаните осиромашуваат, а Заеви се богатат. Додека граѓаните живеат се полошо, Заеви го купија струмичкиот конфекциски гигант „Герас Цунев“ по цена од една гарсониера. Влегоа во милионскиот бизнис со марихуана и превезуваат руда за потребите на РЕК Битола. Тие го цедат државниот Буџет во нивните џебови, а граѓаните патат, стои во партиското соопштение и се додава:
„Картелот без причина ги запре сите инфраструктурни проекти на ВМРО-ДПМНЕ. Нивото на реализирани капитални инвестиции во првите 4 месеци од 2018 година изнесува околу 11%. Нема 600 километри нов автопат, нема 550 километри нови магистрални патишта. Криминалниот картел во врвот на власта ја зароби државата и ги злоупотребува институциите. Правда нема, правосудните органи работата по дикатат, а не по закон. Заев ги соопштува пресудите пред тие да бидат донесени, а судовите само ги читаат политичките казни“.
Државата, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ, е киднапирана од картелот на власт и неможе да тргне ни милиметар кон ЕУ додека институциите се политизирани, судството е под контрола на власта, а корупцијата не е санкционирана, туку субвенционирана со непостапување на органите на прогонот.
-Република Македонија се движи со непосакуван правец. Криминалот, корупцијата, неработата, неодговорноста и неспособноста не смеат да бидат одлика на државата. Република Македонија заслужува подобро. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓаните на голем сенароден протест на 2 јуни во 20 часот пред Владата на Република Македонија, да ѝ кажеме НЕ на оваа недемократска и ненародна власт, стои во соопштението.