Со 408 од 519 гласа Проф. Д-р Гордана Силјановска Давкова ја доби довербата на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател на државата, што денеска се одржа во Струга.
Помеѓу 9 пријавени кандидати, токму Силјановска ја доби довербата од мнозинството делегати на Конвенцијата.
Претседателот на партијата Христијан Мицкоски пред присутните порача дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на овие претседателски избори и ќе го даде новиот претседател на државата.
За довербата на делегатите се бореа уште и Влатко Ѓорчев, Филип Петровски, Горан Ангелов, Илија Димовски, Сашо Култешовски, Никита Шекутовска, Васко Костов и Ѓорѓи Манасков.
Во својата презентација пред присутните, Д-р Силјановска Давкова рече:
“Тоа што сум денеска тука го покажува реформскиот и демократски капацитет на ВМРО-ДПМНЕ да отвори порта на еден натпартиски кандидат. Не е доволно само да се нарекувате реформска партија, туку треба да посегате по истите. Во 2001 година ни се вкрстија патиштата со ВМРО-ДПМНЕ, потоа во Струга во 2004, потоа за Преспанскиот договор и на крај за Законот за јазици – посочи кандидатката за претседател на Македонија, Гордана Силјановска, која денеска ја бара поддршката од делегатите на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ во Струга”.
Таа не сакаше да зборува многу за својата биографија. Се осврна на потеклото:
Она што ме води во животот е потеклото. Во песната за Арсо Војвода ќе слушнете дека бил на гости кај Стојкота, тоа е мојот прадедо. Татко ми бил во партизани, излегол со три ордени, го поминал Февруарскиот поход, се борел не за Република Северна Македонија, за Македонија.
Таа не ја разбира логиката да го немаме правото за самоопределување, како и секоја нација. Смета дека ние своето право сме го оствариле на АСНОМ, Македонија е старица од 75 години.
-Замислите сега на 75 години некој да ви каже да си го промените името зошто целта ЕУ и НАТО е висока и да ве убедува притоа дека тоа не се однесува на вашиот идентитет – рече професорката
Силјановска вели дека мора да излеземе на изборите.
-Сигурна сум дека мојот глас во овие две години допре до луѓе кои можеби никогаш не гласале на избори, биле аполитични, неутрални или до луѓе кои биле членови на некоја партија која е на власт, но сфатија дека има нешто посилно од партијата и од привилигиите дека тоа е Македонија. Ова е вистинскиот момент да се делигитимира власта која создаде хибриден режим во кој Македонија стана скандалозна земја – додаде професорката, која вели дека не верува дека секоја цел може да оправда секое средство. Само македонскиот народ заради Македонија може да биде највисоката цел.
Таа вели дека бојкот ќе значи само на сегашното место да седне Талат Џафери. Шанса да се смени уставот и претседателот да се бира во Собранието на Република Македонија, што е погубно за земјата – трите власти да и припаднат на една партија.
-Секоја реформа почнува од нас. Не можете да барате реформи од другите, ако не почнете од себе. Ние имаме закон за привилегии на претседател. Имам разбирање за привилегиите на семејството на Трајковски, но ќе ги замолам пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ги укинат законските привилегии за претседателот. Да се намали бројот на министерствата, срамота е сиромашна земја да има 27 министерски места, а Швајцарија да има 7. Парите ќе се пренасочат кон граѓаните.
Секако името беше неизбежен дел од нејзиниот говор.
Ќе формирам експертски тим на домашни и странски професори по меѓународно јавно право. Малите држави се повикуваат на правото, големите на силата. Да го отвориме прашањето за името на Република Македонија. Тоа не е затворено. Пред меѓународните судови и институции. Во секоја средба ќе укажувам дека не можам да се поделам на две личности. За мене владеењето на правото е врвната цел, ако сите народи имаат право на самоопределување, истото важи и за македонскиот народ и за Република Македонија.
Таа смета дека никој на Македонија не може да и каже како ќе се вика. Името не одбрало нас, а не ние името. Ние немаме алтернатива.
Заевизмот е ментална матрица – кажувам, заборавам, негирам. За жал од таа болест се инфекцираа многумина.
Вели не може да дозволи еден ден нејзините внуци да ја прашаат каде бевте, што правевте, зошто не негиравте.
– Секогаш кога ќе има проблем, а секој ден ги има, јас ќе побарам да се обратам до Собранието, не само до пратениците, туку до граѓаните. И кога ќе го користам ветото како одбрана на уставот, ќе барам да го образложам тоа. Ќе се држам до уставот и тоа ќе важи за сите партии, па и за ВМРО-ДПМНЕ.