Влезе во втор круг со својот сопартиец, а сега се повлекува – Екс градоначалникот на Македонски Брод нема да оди во втор круг

Eкс градоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески, кој на овие локални избори влезе како независен кандидат, се повлече од изборната трка, иако влезе во вториот изборен круг заедно со својот сопартиец од ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник, Жарко Ристески.

Во својот ФБ статус Војнески пишува:

-Почитувани мои сограѓани,

Ви благодарам од срце за големата поддршка што ми ја укажавте во првиот круг од локалните избори.

По бројните разговори со вас, мои сограѓани, одлучив да ја повлечам својата кандидатура.

Ги разбирам сите оние кои, поради различни причини, ги поделија своите гласови дури и во рамките на семејствата, и не би сакал дополнително да ги продлабочувам тие теми.

ВМРО-ДПМНЕ е мојата матична партија — партија на која и го посветив поголемиот дел од својот живот, уште од времето на осамостојувањето па се до денес.

Сметам дека најдобрата одлука, во интерес на моите сограѓани, е да се повлечам од оваа изборна трка.

Свесен сум дека оваа моја одлука за многумина ќе биде изненадување, но верувајте – ова е најдоброто нешто што можев да го направам за граѓаните на нашата Општина во овој момент.

Секогаш ќе бидам достапен за граѓаните и ќе се обидам да помогнам колку што можам. Вашата поддршка никогаш нема да биде заборавена, пишува Војнески на Фејсбук.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.