Влатко Ѓорчев вчера и денеска во Белата куќа: Средби со соработниците на Трамп (Фото галерија)

Влатко Ѓорчев кој е еден од потенцијалните кандидати за претседател на државата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и ќе ја бара довербата од делегатите на партиската Конвенција закажана за 16 февруари во Струга, моментално се наоѓа во САД, каде имаше средба со повеќе сенатори и соработници на американскиот претседател Доналд Трамп.

Ѓорчев на социјалните мрежи објави фотографии од неговите средби.

“Се сретнав со двајцата најгледани ТВ водители во САД Tucker Carlson и Sean Hannity од Fox News, убедливо најгледаната информативна ТВ во САД.Светот мора да ја слушне македонската вистина и македонските аргументи. ?? Светот мора да ги слушне Македонците за подобро да ги разбере. Контактите и пријателствата кои сега се градат следната година ќе бидат основа на настапи и интервјуа на Fox News. Како претседател на Македонија ќе ги кажувам македонските позиции на CNN, Fox News, BBC, Euronews, Deutsche Welle, France 24, за главните светски весници. Sean Hannity и Tucker Carlson се исклучително блиски до претседателот на САД Donald J. Trump, а секој од нив имал најмалку 5 интервјуа со претседателот Доналд Трамп, како и десетици интервјуа со неговите најблиски соработници. Откако стана претседател, Трамп има дадено 41 интервју за Фокс Њуз, како и десетици други додека беше кандидат за претседател на САД. Македонија МОРА секаде да има отворени врати. ?? Ни треба претседател кој СИЛНО ќе претставува Македонија во светот. Ќе бидам гласот на Македонија во светот. Македонија засекогаш!”, напиша Ѓорчев на Инстаграм.

Претходно Ѓорчев средба остварил и со сенаторите Џејмс Инхоф, Тим Скот и Тим Кејн.

За овие средби Ѓорчев напиша:

“Сенаторот Џејмс Инхоф од Оклахома е претседател на комитетот за одбрана на Сенатот на САД, како еден од најважните комитети, особено во делот на одбраната и надворешните работи на САД. Сенаторот Инхоф лично го познавам повеќе години, а тој денес беше домаќин и воведничар на форумот за безбедност во Вашингтон. Сенаторот Инхоф е силен поддржувач на Македонија и затоа е важно постојано да се одржува комуникацијата. Го поканив да ја посети Македонија и се надевам дека ќе имаме можност во следниов период да бидеме негови домаќини. Републиканецот Инхоф е меѓу највлијателните сенатори во САД, а во Сенатот е веќе 25 години, односно од 1994 година. Претходно беше конгресмен 7 години. Сенаторот Тим Скот од Јужна Каролина го запознав со состојбите во Македонија. Важно е да се зборува за Македонија со што повеќе сенатори и конгресмени во Вашингтон, во Стејт департментот, во Белата куќа, кај бројните тинк тенкови, медиуми и институти од САД. Воедно, пред сенаторот Скот ја истакнав добрата работа на ИРИ во Македонија, како и добрите односи на ВМРО-ДПМНЕ со Републиканската партија на САД како сестрински партии што глобално припаѓаат во исто политичко семејство. Сенаторот Тим Кејн од Вирџинија доаѓа од редовите на Демократската партија, а во 2016 година беше кандидат за потпретседател на САД во кампањата на Хилари Клинтон. Се заблагодарив на присуството и активностите на НДИ во Македонија, а следниов викенд ВМРО-ДПМНЕ и НДИ ќе имаме заедничка конференција во Струга. Пред сите тројца сенатори го истакнав сојузништвото меѓу Македонија и САД, со надеж партнерството да се развива и зацврствува во иднина”.

Вчера Ѓорчев објави дека средба остварил и со портпаролката на Белата Куќа во Вашингтон, Сара Сандерс.

“Денес имав можност да се сретнам со Sarah Huckabee Sanders, портпарол на Белата куќа на претседателот на САД Donald J. Trump. За Македонија е важно да има отворени врати во Вашингтон. Секое пријателство и средба е можност да се кажат македонските аргументи. Македонија мора да гради силни сојузништва. На тој начин ги подобруваме позициите на Македонија”, напиша Ѓорчев.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.