Владина поддршка за лицата со инвалидност за набавка на автомобил

Од денеска па до 30 септември лицата со инвалидност во центрите за социјални работи ќе може да аплицираат за новиот владин проект преку  кој ќе добијат поддршка за набавка на автомобили.

700

На  лицата со најмалку 80% инвалидност на долните екстремитети, потполно слепите лица и глуви лица и лицата со умерена, тешка и длабока интелектуална попреченост ќе им бидат рефундираат средства до 180.000 денари платени за царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека овој проект ќе овозможи  полесна мобилност на лицата со инвалидност и вклученост во заедницата.

-Почнувајќи од денес секое лице кое припаѓа на некои од наведените категории или пак родител или старател може да поднесе барање до надлежниот Центар за социјална работа кое ќе биде разгледано од комисијата за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобил, рече Спасов.

За рефундирање на средства за набавка на автомобил лицата со инвалидност ќе треба да ги поднесат следните документи:

-Наод, оцена и мислење од надлежна комисија за утврдено телесно оштетување од најмалку 80% на долните екстремитети, за утврдена умерена, тешка и длабока ментална попреченост, за потполно слепило и потполна глувост.

-Примерок или заварена копија од царинска декларација не постари од 12 месеци од денот на подмирување на царинските давачки и акцизи при увоз на патнички автомобил, издадени од царински орган.

-Доказ за платен данок на додадена вредност при набавка на патничкиот автомобил и друга пропратна документација.

-По завршувањето на огласот посебна Комисија ќе изврши увид во домот на барателот , а откако ќе заврши рокот за доставување на барање Комисијата за рефундирање на средтвата за набавка на патнички автомобили ќе одлучува во однос на поднесените барања и извршениот увид во домот на лицата, истакна Спасов.

Спасов посочи дека ќе бидат рефундирани средства за 50 автомобили, а приоритет ќе имаат лицата со инвалидност  кои што имаат пониски приходи, оние кои активно бараат работа или пак во семејството имаат повеќе лица со инвалидност.

-Со овој проект се реализира уште едно ветување за лицата со инвалидност, се реализира уште едно барање на националните сојузи на лицата со инвалидност, и со него ќе продолжиме да го подобруваме животот на лицата кои имаат најголема потреба од поддршка, рече министерот за труд и социјална политика.

Тој ги повика сите заинтересирани да ја искористат оваа можност, со која, како што рече, ќе им овозможи заштета на финансиски средства.

Дополнителни информации за огласот, заинтересираните можат да добијат во МТСП, на веб-страната на Министерството и во сите центри за социјална работа.

За реализација на овој проект Министерството за труд и социјална политика од буџетот изводи 9.000.000 денари.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.