Мижи Асан да ти баам. Со цел памет нѐ убедуваат дека 240.000 луѓе не знаеле дали се православни, римокатолици или протестанти, па затоа биле внесени во општата графа „христијани“ на пописот. А јас тврдам дека од тие 240.000 попишани, дури 238.000 се православни, ама некому така му одговарало.
Ова во разговор за Плусинфо го тврди митрополитот дебарско-кичевски и портпарол на Синодот на Македонската православна црква (МПЦ-ОА), г. Тимотеј, откако во резултатите од Пописот 2021 година, освен графите „православни“, „католици“, „адвентисти“, „протестанти“, вметната е и графата „христијани“ која брои над 240.000 луѓе.
-Кога мене ме попишуваа, никој не ме праша дали сум православен. Јас морав да инсистирам да ме попишат како православен. Ако не инсистирав, ќе ме внесеа во графата „христијани“, па сега ќе излезеше дека и јас не си ја знам верата, вели Владика Тимотеј.
– Сакате да кажете дека 240.000 луѓе не знаеле од која вера се, небаре биле пијани? Може да не знаеле двајца, тројца, петмина или десетмина, ама смешно е да се каже дека 240.000 луѓе не знаеле на која вера припаѓаат. Ние не можеме да тврдиме дека сите тие луѓе се православни, но дека најголемиот дел од нив се православни, тоа е апсолутно така. Ние многу добро знаеме колку има католици и колку има протестанти во Македонија, не е тоа тајна. Ако 240.000 луѓе се попишани како христијани, тоа значи дека најмалку 238.000 од нив се православни. Вчера ја прочитав изјавата на директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, кој рече дека не биле виновни попишувачите, туку дека луѓето не ја потенцирале точно својата вера. Таквата изјава е потценувачка и срамотна – изјави владиката Тимотеј.
Целиот текст прочитајте го ТУКА