Митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар, вели дека МПЦ-ОА, снисходливо го слуша гласот на властите и државата во заштита на животот на народот и длабоко сочувствува и сострадува, како со заболените и болните од секакви болести, па така и за тие од Ковид-19 и мајчински се моли за нивно оздравување.
МПЦ-ОА се придржуваше и се придржува до пропишаните мерки за претпазливост. Но, веднаш се наметнува прашањето, зошто му се случи на целиот свет оваа пандемија? Светите Отци велат –заради нас и нашите гревови, а ние ќе додадеме, заради оттуѓеноста и отпадништвото во секој поглед на целиот свет од Бога. Природата, од Бога создадена, протестира и опоменува и на ваков начин. Да престанеме со нејзиното загадување и уништување на милионите квадратни километри шуми, на океаните, морињата, езерата, реките и потоците, на загадувањето на природата и воздухот со милионските авионски летови и возила, и со палење на шумите. Само молитвата на сите нас, почнувајќи од нас Владиците, свештенослужителите и верниците, како и управниците на државата, политичарите и граѓаните, може да го променат текот на настаните што ни се случуваат со оваа современа чума – порачува владиката Петар.
Митрополитот вели дека мерките за претпазливост поради пандемијата, може да бидат од голема полза за духовната надградба.
Но, доколку од сето ова што ни се случи и случува, со ставањето на физичките-надворешните маски од една страна, и со паѓањето на внатрешните-духовните маски, не само кај одделни личности, групи, народи и држави, туку и кај целиот свет не извлечеме вистинска поука, и после спласнувањето во голема мера на пандемијата, и не почнеме да живееме поинаков, правдољубив, дружељубив и човекољубив живот, тогаш следната опомена може да биде полоша од оваа – вели Владиката.
Митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски кој на Велигден ќе богослужи во битолскиот Храм „Св. Димитрија“ во центарот на градот, потврди дека иако во црквата нема да има верници како во минатото и заради владините мерки, сепак, знае дека пораките што тој ќе ги упати ќе стигнат до верниците.
Страдањата и искушенијата можат да бидат големо зло, ако човекот не се преродува и не го прифаќа благотворното дејство на тие искушенија. Неволјите, болестите, несреќите, трагично ги доживува само оној, кој нема вера во Бога, кој не е свесен за својата гревовност, кој не ја чувствува неопходноста за очистување на своето срце, просветлувањето на својот ум, и спасение на својата душа. А, кога човекот со благодарност за опомената, со искрено и длабоко покајание, ќе ги прими страдањата кои му се испратени од Бога, тој веднаш, после нив, излегува со таков мир и духовна радост, што се околу него станува светло и радосно – вели г. Петар.
Владиката Петар посочува дека според учењето на Светите Отци, искушенијата, болестите, несреќите, се време не Божја посета. Бог, понекогаш ни испраќа болест како опомена, епидемија како епитимија, како што тоа е сега, за човекот да ја разбуди совеста своја и да се покае, да се прероди и да стане нов човек, нова твар.
Многу искушенија, особено искушенија на болест, зараза, загаден воздух, и конечно корона вирусот, го нападнаа човекот. Пандемијата со вирусот Ковид-19, која е сеопшта светска криза, односно Божја опомена за целиот свет, го стави на колена целото човештво. Нападот врз човекот и светот, е на повеќе фронтови. Покрај задравствената, во прашање е и економска, социјална, а особено духовната, именувана криза. Она што луѓето го нарекуваат криза (несреќа), тоа всушност е суд. Божји Суд или опомена, а сето ова заедно значи, Божјо милостиво поучување, за будење од гревовниот сон, и вразумување на човекот. Светите Отци велат дека, кога вагата во светот е наклонета во полза на злото, тогаш неизбежно се појавуваат катастрофи во форма на војни, земјотреси, поплави, болести, загадувањена воздухот и природата, епидемии и пандемии како оваа – вели митрополитот Петар.
Во своето Велигденско послание до верниците, Македонците од татковината, но и во Австралија и Нов Зеланд, тој нагласува дека Велигден е Празник над празниците и Торжество над торжествата, Христос Спасителот со Своето Воскресение ги победи двата најголеми напријатели на човекот – гревот и смртта.
Велигден е Ден на Христовото, но и нашето Воскресение. Најрадосниот поздрав за целиот човечки род – Христос Воскресе, насекаде одекнува во овие тешки денови за човештвото. Најрадосната вест – Христос Воскресе, е веста од која треперат херувимите и серафимите. Тоа е единствената вест која го победи злото во светот, гревот и смртта. Христос Воскресе, се единствените зборови што носат надеж и радост во најголемата тага во сеопштата криза, односно опомена за нашата гревовност. Тоа се единствените зборови што носат живот и по смртта. Христовото Воскресение и нашето лично воскресение, се догма на нашата вера. Тоа е суштинската реалност. Тоа е Силата што го победи светот и покрај најсуровите прогонства против Неа – порачува митрополитот Петар.
Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, г. Петар повторно јавно побара воведување на веронауката како задолжителен предмет во образованието.
Како што нашата Света Црква, снисходливо го слушна гласот на Владата, очекуваме и во иднина Владата, да го слушне гласот на Црквата и да ја воведе веронауката, како задолжителен предмет во образованието, со цел вакви и слични неволји и Божји опомени, младите и идните генерации, со смирение и трпение, без ужас и неразумен страв, да се борат со искушенијата што ќе следат, а секое искушение и страдање, е по Божјо допуштение, и треба да го прими како дар, преку кој се спасуваме – вели г. Петар, кој деновиве најчесто е во својата резиденцијална куќа Митрополија, како и во Храмот „Св. Димитриј“ во Битола.
Митрополитот преспанско-пелагониски на сето свештенство, преподобно монаштво, и верните чеда во преспанско-пелагониската и австралиско-новозеландската епархија, им испраќа мир и благослов поздравувајќи ги со најторжествениот поздрав – Христос Воскресе!