Владиката Петар испиша историја, сослужуваше Литургија со рускиот Патријарх г. Кирил во еден од најголемите манастири кај Москва (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

На 8 октомври 2025 година, во денот на претставувањето на преподобниот Сергиј Радонежски, чудотворецот, во Успенскиот Собор на Свето-Троицката Сергиева Лавра беше отслужена торжествена Божествена Литургија, со која началствуваше Неговата Светост, Патријархот Московски и на цела Русија г. г. Кирил.

Со Неговата Светост сослужуваа и архиереите на Руската Православна Црква, а меѓу нив и делегацијата на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, предводена од Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, член на Светиот Синод на МПЦ–ОА, Епископот Велички г. Николај, викарен епископ на Преспанско-Пелагониската епархија и архимандритот Атанасиј (Арсоски).

На Светата богослужба присуствуваа бројни архиереи, свештенослужители, монаси и многуброен верен народ, кои молитвено го прославија споменот на великиот руски подвижник и игумен на Радонеж, преподобниот Сергиј, чии мошти почиваат во оваа света лавра – духовното срце на Руската Православна Црква.

Исто така, на 12.10.2025 г., во осумнаесеттата Неделата по Педесетница, во Исакиевскиот собор во Санкт Петербург, беше отслужена Света Божествена Литургија, со која началствуваше Митрополитот Санкт-Петербуршки и Ладошки г. Варсонофиј.

На светата богослужба сослужуваа и претставниците на делегацијата на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија: Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, Епископот Велички г. Никола и архимандритот Атанасиј (Арсоски), како и Епископот Кронштатски г. Венијамин, Епископот Петергофски г. Силуан, прот. Сергеј Куксевич, прот. Алексеј Скљаров, прот. Роман Ковалски со соборниот клир и други свештенослужители.

Пееше соборниот хор под диригентство на Лев Дуњаев, како и младинскиот хор под раководство на Лариса Христич.

На богослужбата присуствуваше и директорот на државниот музеј „Исакиевски собор“ г. Јуриј Мудров.

По завршувањето на Божествената Литургија, митрополитот Варсонофиј им се обрати на верниците со топли зборови, изразувајќи ја својата искрена радост поради заедничката молитва и духовното единство со архиереите на Македонската Православна Црква. Во знак на благодарност и братска љубов, а како спомен на заедничкото богослужение, Митрополитот Варсонофиј им подари на архиереите на Македонската Црква крст со панагија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.