Владиката Агатангел го „подбра“ поглаварот на ИВЗ

„Ве молам да ми простите, бидејќи, како Митрополит на Светата Македонска православна црква, не можам да премолчам за оваа неправда!“, пишува владиката Агатангел во текстот насловен „Омразата на поглаварот“, објавен на Фејсбук страната на Повардарската епархија.

Во текстот, кој е реакција на говорот на омраза на поглаварот на ИВЗ – Сулејман Реџепи, кој деновиве беше обелоденет во јавноста, Агатангел порачува дека со своето однесување Реисот не личи ниту на верник, а уште помалку на верски лидер. За Агатангел, тој е гласноговорник и хушкач на национална и верска нетрпеливост и истовремено е „предан заштитник на погубниот тероризам и насилство“. Нарекувајќи го „црниот ангел на поделбите“, Агатангел порачува дека
луѓето како Реџепи треба да бидат третирани како заразно ткиво кое се заканува да го оболи целото тело (т.е. општество).

„Ве молам да ми простите, бидејќи, како Митрополит на Светата Македонска православна црква, не можам да премолчам за ова неправда!

Господинот Сулејман Реџепи воопшто не наликува на верник кој преку своите верски принципи и морални норми и правила најпрво ги победува своите слабости и страсти, а потоа и со многу љубов и разбирање го прегрнува целото создание и сè што дише на овој свет. Тој многу повеќе личи на плиток и недоделкан човек, исполнет со огромни предрасуди за поразличниот од себе, па затоа, речиси во сите негови изјави и јавни настапи, го засрамува секој чесен и искрен
муслиман во нашата татковина Македонија. Господин Реџепи е гласноговорник и хушкач на национална и верска нетрпеливост и во исто време е предан заштитник на погубниот тероризам и насилие.

Тој е типичен претставник на неморалноста, летаргијата, контрадикторноста и лудилото, кои со години однатре го нагризуваат и разнебитуваат нашево општество и ја шират одвратната реа на пеколната запустеност. Сулејман Реџепи е црниот ангел на поделбите, па со своите изјави ги нахранува екстремистите на кои единствена светиња им се крвопролевањата насекаде во белиот свет. Затоа, ставовите на овој залутан човек во верата се семе на раздорите, кое едвај чека да биде полеано од „дивите“ по душа, од кое пак подоцна, неминовно и неконтролирано ќе никне разгранетото дрво на омразата, која бездруго е опасна по живот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.