Во новата владина програма за која ќе се дискутира од утре во Собранието, покрај предизборните мерки на СДСМ и коалицијата „Можеме“, може да се препознае дека се прифатени и оние на ДУИ, кои Интегративците и Насер Зибери, кандидатот за прв премиер Албанец на Македонија, ги промовираа и како барања.
ДУИ пред изборите бараше да се субвенционираат 50 проценти од социјалните придонеси во наредните три години секое ново работно место што ќе ја подобри „правичната и соодветна застапеност на сите етнички заедници во приватните претпријатија“.
Владата ќе го повика, охрабри и ќе соработува со бизнис секторот т.е. домашните и странски компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранција, застапеност и меѓусебна доверба и во нивните работни средини, за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја, стои во владината програма.
Во владината програма се најавува поврат на персонален данок за сите нововработени под 30 години, во првите две години при што сретствата ќе се враќаат директно на нивна сметка и ослободување од плаќање данок на сите новосоздадени приватни претпријатија, формирани од млади до 30 години или жени, се додека прометот е под 3 милиони денари. Нешто слично предложуваше и ДУИ пред изборите.
Интегративците бараа скратено работно време во петок а во програмата пишува дека „ќе се понуди концептот на флексибилно работно време за петок и можност за намалување на број на работни часови во текот на неделата со цел обезбедување на поголем баланс помеѓу професионалниот и семејниот живот“.
Владата, како и во претходниот мандат, ќе поддржи формирање на анкетни комисии или иницирање на меѓународна поддршка и мониторинг за одредени случаи кои создаваа меѓуетничка недоверба и тензии како Алфа, Монструм, Диво насеље, итн, се вели во документот, а помалиот коалиционен партнер веќе подолго време имаше слична идеја за решавање на овие случаи.
Таму се најавува и забрана за работа на казина, обложувалници и ВЛТ-клубови во близина на училишта и верски објекти, а тоа веќе подолго време се бара од ДУИ да биде протуркано.
Очигледни се и отстапки „и на сметка на ДУИ“ во програмата.
Во првите шест месеци, ќе се распоредат и ќе тргнат на работа сите вработени по Рамковен договор во државните институции, додека институциите ќе ги одобрат барањата на вработените за признавање на образованието согласно последните промени во Законот за вработените во јавната администрација и јавниот сектор. Етничката припадност нема да се злоупотребува при вработувањата, се вели таму.
Новата Влада најавува промени и во структурата, квалитетот и големината на администрацијата така што ќе се разгледуваат неколку модели за намалување на нејзиниот обем за 20 отсто, меѓу кои и преку спојување на функции и надлежности на институциите.