Владата ќе го прифати предлогот на Стопанската комора и ќе ја зголеми акцизата на нафтените деривати за два денари. Ова го навести министерката за финансии Нина Агеловска денеска.
„Веќе подготвуваме предлог уредба. Соглсасно пресметките и фискалните импликации предлогот е да се зголеми акцизата за 2 денари. Работиме заедно со Царинската управа конкретно на предлогот и ќе излеземе со информација. Но сметам дека ќе го прифатиме предлогот на Стопанската комора – рече Ангеловска.
Зголемената акциза на нафта ќе го полни буџетот, но ќе го празни џебот на граѓаните кои точат гориво, за цената која ќе ја платат за такси превоз по километар, јавниот транспорт, цената на производите. Проценките на Стопанската комора на Македонија, на чии предлог е барањето за зголемување на акцизата на нафта, граѓаните ќе ги чини 46,2 милиони евра на годишно ниво или месечно би се прибирале средства поголеми за 3,8 милиони евра.
Освен по џебот на граѓаните, со оваа мерка значи намалување на заработката поради зголемените трошоци за гориво што треба да ги плаќаат сите оние кои се занимаваат со транспорт. Исто така и за приватниот сектор ова се огромни дополнителни трошоци. Покачувањата на трошоците ќе влијаат и врз малите и средните бизниси кои се борат за преживување и опстанок во ек на пандемијата со корона вирус.
Се поставува прашањето, кога се тврди дека акцизата е мала зошто не се реагираше кога цената беше повисока? Или, зошто никој не ги намали цените на производите или услугите за толку колку што поевтини бензинот?
На ваквата мерка први се спротиставија од Асоцијацијата на камионски превозници Макам-транс. Оттаму велат дека ваквата мерка е неприфатлива, нерационална и несолидарна. Побараа Владата да не ја прифати.
-Со оваа мерка се надминуваат сите граници на рационалност и солидарност, олигарсите пак сакаат теретот да се префрли на плеќите на сите превозници, но и на сите граѓани на кои драстично се и ќе бидат намалени примањата од нето плата. Предлагаат мерка која нема заштитен механизам за да се намали влијанието на цените на сите производи кои се превезуваат , а тоа може да е иницијална каписла за појава на инфлација која ќе нанесе штета на сите микро, мали, средни трговски друштва и земјоделците, вели во пишана изјава Билјана Муратовска, генерален секретар на Макам-транс.