Владата ПРЕСЕЧЕ, Ристески им соопшти на трговците, отсега ќе биде вака (ВИДЕО)

Владата на Република Македонија и Министерството за економија и труд го заштитуваат стандардот на граѓаните – истакна на денешната прес конференција заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.

Прес конференцијата на Ристески во целост ја пренесуваме во продолжение:

По опсежни анализи на ценовните текови на основните производи изминативе 4 месеци, како и по извршени меѓусекторски консултации и повеќе средби со претставници на бизнис секторот (производители, добавувачи и трговци), на денешната седница Владата на Република Македонија донесе две одлуки кои треба да придонесат на намалување на инфлацијата и ефектите од ценовните шокови на семејните буџети на граѓаните.
Со мерките се опфатени 102 групи на основни прехранбени и хигиенски производи или над 1000 производи, каде имаме три категории и тоа:

1. Во првата категорија, која опфаќа 8 групи основни прехранбени производи, се замрзнуваат цените од нивото од 1 февруари и на истите се определува највисоката бруто профитна маржа во вкупен износ до 5 % во трговијата на големо и во вкупен износ до 5 % во трговијата на мало.

Тука влегуваат:

– Бел и полубел леб, векна, индустриски тип од 350 гр. до 500 гр..(цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите;
– брашно пченично, тип 400 во пакување од 1кг до 2кг;
– брашно пченично, тип 500 во пакување од 1кг до 2кг;
– трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, во пакување од 1 л;
– јогурт од кравјо млеко обичен, без додатоци, со масленост од 2,8% до 3,2%, во пакување од 1 кг и 1,5 кг ;
– кисело кравјо млеко (обично, без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2 %, во пакување од 300 г до 500 г;
– свежи јајца од кокошка и
– масло за јадење од сончоглед

2. Во втората категорија, која опфаќа 55 групи на производи се определува највисоката бруто профитна маржа во вкупен износ до 10 % во трговијата на големо и во вкупен износ до 10 % во трговијата на мало. Тука влегуваат млечни производи (сирење, кашкавал…), свежо месо, замрзнато месо, преработени месни производи, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, шеќер, путер, кондиторски производи (чоколадо, бисквити…), кечап, мајонез, кафе и безалкохолни пијалаци…

3. Во третата категорија, која опфаќа 39 групи на производи се определува највисоката бруто профитна маржа во вкупен износ до 15 % во трговијата на големо и во вкупен износ до 15 % во трговијата на мало. Тука влегуваат дел од свежото овошје и зеленчук, дел од основните хигиенски производи (течен сапун, гел за туширање, детергенти, паста за заби…), како и неколку бебешки продукти (бебешки пелени, кашички и сокови).

Како и во претходните мерки, трговците се обврзани истите јасно да ги обележат со ознаката „Помалку трошоци, повеќе за нас“, а истата ќе се применува до 30 април 2025 година.

Со оваа мерка очекуваме намалување на цените на поголемиот дел од производите, а на останатите да се спречи нивно понатамошно зголемување и задржување на ова исто ниво.

Екипите на Државниот пазарен инспекторат ќе бидат на терен и ќе го контролираат спроведувањето на оваа мерка, а сите кои нема да се придржуваат до истата ќе бидат ригорозно санкционирани.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.