Владата вчера донесе одлука со која ја продолжи набавката на американските преносни системи за противоклопна борба, наменети за пешадијата на Лесната пешадиска баталјонска група.
Како што беше соопштено, владата на Талат Џафери на 9-та седница „ја разгледа и ја усвои Информацијата на Министерството за одбрана за потребата од доделување договор влада со влада за набавка на преносни системи за противоклопна борба, со склучување на договор меѓу Владата на Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави“.
„Воедно, утврден е усогласен текст на амандман кон Писмото за понуда и прифаќање (Амандман 1 на писмото за понуда и прифаќање) MK-B-UCF JAVELIN – JLTV, помеѓу владата на Република Македонија и владата на Соединетите Американски Држави“, се наведува во соопштението.
Нагласено е дека со одлуката на Владата на Македонија, продолжува процесот на набавка на преносни системи за противоклопна борба, наменети за пешадијата на Лесната пешадиска баталјонска група.
Одлуката е во насока на определбата за Министерството за одбрана за модернизација и опремување на Армијата на Република Македонија за постигнување целосна интероперабилност со армиите на земјите партнери во НАТО и во тие рамки опремување на лесната пешадиска баталјонска група со современа борбена техника, односно лесни оклопни возила на тркала, што како проект е предвидено да се реализира во периодот од 2019 – 2027 година.