Оперативниот план за вработување за оваа година предвидува обуки за повеќе од 2.000 лица, со приоритет на жени, млади до 29 години и долгорочно невработени, изјави денеска владината портпаролка, Марија Митева.
Според планот, првата група опфаќа 245 лица кои се регистрирани како невработени во Агенцијата за вработување. Обуките ќе се одвиваат на конкретни работни места кај конкретни работодавачи и ќе траат до три месеци, а учесниците ќе добиваат месечен надомест од 12.000 денари.
„Приоритет при изборот ќе имаат жените, младите до 29 години и долгорочно невработените лица“, нагласи Митева.
Втората група од 600 лица ќе посетува обуки за занимања кои се веќе барани на пазарот на труд, а фокусот ќе биде на социјалните услуги, зелените работни места и секторите трговија и услуги. И овде месечниот надоместок е исто така 12.000 денари.
Дополнително, 720 лица ќе бидат вклучени во обуки за развој на основни и напредни компјутерски и јазични вештини.
Митева посебно ги истакна обуките за напредни дигитални и ИТ вештини, кои ќе опфатат 470 лица и ќе бидат реализирани преку лиценцирани програми. По завршувањето, учесниците ќе добијат меѓународно признати сертификати, што значително ќе ја зголеми нивната конкурентност на пазарот на трудот.
Според владата, оваа мерка има за цел да ги намали бариерите за влез на пазарот на труд и да го зголеми вработувањето на младите и жените во земјава.