Вклучен алармот во Тел Авив: „Иран денес би можел да не’ нападне“

Израел се подготвува за директен напад од Иран во рок од два дена, но Иран сè уште нема донесено конечна одлука за нападот, се вели во најновиот извештај на светските агенции.

Како што пренесува агенцијата „Anadolu“, повикувајќи се на извор, американскиот „Wall Street Journal“ тврди дека по нападот на Израел врз зградата на конзулатот во комплексот на иранската амбасада во Дамаск, се очекува потенцијалната одмазда на Техеран да биде директно насочена кон Израел.

Тел Авив се подготвува Иран да изврши директен напад врз јужен или северен Израел уште во петок или сабота, рече изворот за овој медиум.

Друг извор, наводно информиран од иранскиот државен врв, изјавил дека додека траат дискусиите за плановите за напад, не е донесена конечна одлука, пренесува „Јутарњи лист“.

Иран најверојатно ќе изврши одмазднички напад во Израел во следните неколку дена, според проценката заснована на разузнавачки извештаи од американски функционер, објави тој.

Советникот на иранскиот ајатолах Али Хамнеи исто така рече: „Плановите за напад се пред врховниот лидер и тој сè уште го мери политичкиот ризик“.

На 1 април, воздушен напад ја погоди зградата на конзулатот во комплексот на иранската амбасада во Дамаск, што резултираше со смрт на седум лица, вклучително и двајца високи генерали од Иранската револуционерна гарда.

Во средата, иранскиот врховен водач Али Хамнеи рече дека Израел згрешил што го нападнал иранскиот конзулат во Дамаск и убил генерал, велејќи: „Израел мора да биде казнет и тие ќе платат за своите грешки“, барајќи одговорност и од САД.

Како одговор, израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, за време на посетата на ракетната одбранбена единица „Железна купола“ во Израел, ги предупреди Иранците да не го напаѓаат Израел, велејќи дека оние што ќе се обидат да го направат тоа ќе се соочат со силна одбрана и силен одговор.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.