Германскиот канцелар Олаф Шолц ќе добие нов службен автомобил со специјална заштита.
„Mercedes-Benz S 680 Guard“ е целото име на блиндиран автомобил кој ќе ги чини германските даночни обврзници најмалку 547.400 евра.
Инаку, овој модел не е направен исклучиво за Шолц, како што е случајот со некои слични државни лимузини, како онаа што ја користи американскиот претседател. Возилото е достапно за сите оние кои можат да си го дозволат.
За обичната „S“ класа потребни се 50 часа работа, а за „Guard“ – 50 дена!
Сè започнува со изградбата на „кафез“ од специјален челик, карбонски влакна и стакло ламинирано со непробојна фолија дебела десет сантиметри.
Потоа на возилото се монтира фабричката каросерија. Резултатот ги исполнува највисоките стандарди: државните инспектори испукале над 300 истрели од автоматска пушка во лимузина и активирале 12 килограми пластичен експлозив до неа пред да и дадат сертификат „VR10“.
Покрај балистичката заштита, оваа „S“ класа има и гуми отпорни на дупчење, автоматски апарат за гаснење пожар и систем за воздух кој може да спречи навлегување на отровни гасови.
Идејата била да се задржи формата на производот бидејќи повеќето од овие возила „Mercedes“ ги продава на клиенти кои се во опасност, како шефови на држави, кои сакаат да останат незабележани од јавноста.
„Mercedes“ за „Guard“ го користи и најмоќниот мотор што се нуди – „6.0 V12“ со 450 kW / 612 КС.
Просечно троши 19,5 литри бензин.
Додека стандардната „S“ класа постигнува електронски ограничени 250 km/h, „Guard“ „едвај“ достигнува 190 km/h, но со маса од 4,3 тони тоа е разбирливо.
Поради зголемената тежина и многу технологија,„ Mercedes “им нуди на клиентите посебен курс за возење за овој модел.