Вистинска драма на теренот во “Ричко” вечерва: Феноменалниот Ангелески правеше чуда на голот на РК Прилеп

Ракометарите на РК Прилеп не успеаја да ја израдуваат домашната публика со 3 бода, во денешниот натпревар од шестото коло во Супер лигата.

Во спортската сала на СОУ “Ристе Ристески-Ричко” гостуваше екипата на Голден Арт, а крајниот резултат на семафорот беше 28:28 (15:14 на полувремето).

Ова е прво реми за двете екипи во досегашната сезона, а досега и едните и другите забележаа по две победи и 3 порази.

Натпреварот вечерва во “Ричко” беше тврд во текот на сите 60 минути. Екипата предводена од Боби Мојсов воопшто не дојде до поголемо водство од 1 гол разлика, но покажа карактер кога во средината на првиот дел прилепчани губеа со 4 разлика. Во вториот дел прпилепчани во два-три наврати водеја со 2 разлика, но откако Голден Арт стигна до 19:19, домашната екипа речиси постојано бркаше егал. Во финишот, двете екипи промашија зицери за победа, па така ремито можеби е најреален исход од неизвесниот дуел.

Најдобар во домашниот состав речиси по обичај беше Кастратович Владан, кој денеска постигна 8 гола. Го следеја Денис Шабановиќ со 5, Томислав Квастек и Никола Цветаноски со по 4 погодоци. Одличен на голот беше и Иван Ангелески, кој може да се каже дека беше клучен што Прилеп не загуби денеска и со своите одбрани ги анулираше падовите во играта на својот тим.

Кај Голден Арт Тоше Ончев стигна до 8 погодоци.

Во наредното коло, кое се игра веќе во сабота, прилепчани гостуваат кај шампионот Еурофарм Пелистер.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.