Прилеп синоќа традиционално ги додели Третоноемвриските награди по повод Денот на ослободувањето на градот. На свечената седница на Советот која се одржа во големата сала на Центарот за култура “Марко Цепенков”, Награда-Плакета му беше доделена и на Народниот театар “Војдан Чернодрински” за 75-годишното културно творештво.
Актерката Даниела Иваноска која се обрати пред присутните во име на целиот ансамбл, едноставно ги занеме сите оние кои низ годините одлучувале за судбината на театарската култура во градот со најдолга театарска историја.
-Вечерва му се доделува награда на Народниот театар “Војдан Чернодрински”, театар кој не постои, во буквална смисла на зборот. Трагично? Апсолутно ДА! Кога една институција со 75-годишна историја се затвора, а притоа му се доделува награда, јас не знам како поинаку да го објаснам овој феномен, освен како ПОСТХУМЕН АПСУРД! И знаете што е најцинично од се’? Театарот не умре, театарот го убија со МОЛК, со НЕОДГОВОРНОСТ, со БИРОКРАТИЈА… – порача во дел од своето обраќање Иваноска.
            























