Прекрасната природа, чистата и бистра вода и тишината на прилепското Вештачко езеро беа инспирација и предизвик за 60-годишниот маратонец и доктор по спортска медицина, Бошко Илиев од Кавадарци, да направи несекојдневен спортски подвиг – да го преплива езерото во должина од 4 километри, по кружна патека.
Подвигот траеше 1 час, 37 минути и 8 секунди, а за успешната реализација д-р Илиев доби признание од градоначалникот на Општина Прилеп, г. Борче Јовчески.
Д-р Илиев, кој со пливачки маратони активно се занимава од 2001 година, подвигот го реализираше како дел од неговата лична мисија – промоција на природните убавини на Македонија и здравиот начин на живот. Прилепското Вештачко езеро е 21-то езеро што го има препливано во земјава, а ова му е вкупно 168-ми маратон, реализиран во 14 држави на Балканот.
„Имав огромна желба да го препливам Вештачкото езеро и тоа ми се оствари, благодарение на логистичката поддршка од Општина Прилеп, градоначалникот и моите пријатели. Езерото е прекрасно – со чиста, мирна вода и убава природа. Сакам да ги препливам сите езера во Македонија. Остануваат уште неколку. Целта ми е преку спортот да ги афирмирам нашите природни ресурси и да поттикнам развој на туризмот,“ – изјави Илиев.
Прилепското Вештачко езеро се наоѓа на само 5 километри од градот и претставува значаен туристички и рекреативен капацитет. Изградено е во 1967 година како акумулација за наводнување и технолошка вода. Максималната должина му е 1,5 километри, а најголемата ширина 600 метри. Езерото зафаќа површина од 0,55 km², со вкупна запремнина од 6 милиони кубни метри вода.
Општина Прилеп изразува благодарност до д-р Бошко Илиев за неговата посветеност и за афирмацијата на природните убавини на нашиот регион. Подвигот претставува мотив плус за развој на спортскиот и еко-туризмот во Прилеп и пошироко.