Истражувачите од Баптистичкиот универзитет во Хонг Конг открија нов вид на медуза која има 24 очи.
Научниците спуштија мрежа во езеро во Хонг Конг. Кога внимателно го погледнале уловот, пронашле суштество во облик на коцка со 24 очи!
– Научниците го анализираа уловот и открија нов вид четвртасти медузи – се наведува во истражувањето.
Новиот вид Tripedalia maipoensis има проѕирно тело со мала белузлава нијанса. Според студијата, медузата, долга околу три сантиметри, има три пипала кои се протегаат од секој агол на нејзиното тело.
– Медузата има 24 очи распоредени во сетови од шест – велат истражувачите.
На секоја страна суштеството има две поголеми очи опкружени со четири помали.
– Две очи се користат за гледање слики, додека останатите четири се користат за детектирање на светлина – се вели во соопштението на Баптистичкиот универзитет во Хонг Конг.