Куќа-плитарка која се распаѓа, без врати и прозорци и без никаква покуќнина во неа. Тоа е живеалиштето кое четиричленото семејство Кулески од прилепското село Штавица го нарекува свој дом.
Во оваа руина од која се шири неподнослива реа, сопружниците Марта и Гоце ги одгледуваат и своите две малолетни ќерки, 13-годишната Ангела и 10-годишната Елена. Марта, која по потекло е од Албанија, ја затекнавме во дворот како ги пасе триесетината овци. Иако, по малку уплашена, таа ни посака срдечно добредојде и веднаш започна да ни ја раскажува својата болна, мачна и тажна животна приказна, недопустлива за веков во кој живееме.
„Ништо, ништо немам. Ни храна, ни алишта за децата…немам ни компјутер, ни телевизор, ни фрижидер….Куќата се распаѓа скрос, сега кога ќе врне – се е внатре вода…Тешко, тешко, тешко…многу е тешко…“ – вели МАРТА КУЛЕСКА.
Семејството Кулески не прима никаков надоместок од државата. Живеат од скромните примања на Гоце, кој работи како овчар. Марта нема лични документи и не знае зошто се уште не може да ги добие, иако веќе 15-тина години живее во Македонија. Вели, заради тоа, досега воопшто не се видела ни со своите, а не може ни да ги чуе, бидејќи немаат ниту телефони, ниту пак компјутер и интернет.
„Ништо немам, ни документи, ни пасош….ништо…Оооо, од кога да ти речам. Откако ми се роди детето Ангела. И оттогаш, повеќе никако кај моите“, – раскажува Марта.
Двете девојчиња за кои не се знае кога последен пат се бањале, носат стара, искината и валкана облека. Одат на училиште во соседното село Ново Лагово. Срамејќи се пред нашата камера, зад неа ни открија дека многу често, храна и облека добивале од некои од своите наставнички. И тие, како и нивната мајка, велат дека во моментов, се’ им е потребно: храна, облека, покуќнина…
Ова семејство точно пред 11 години, доживеа и невидена трагедија кога од паднато жарче од импровизираното ќумбе, животот го загуби тогаш тримесечната Билјана, која ја чувала нејзината тригодишна сестра Ангела, додека мајка им била во дворот. Бебето од здобиените тешки изгореници, почина во прилепската болница
За очајната состојба на ова семејство, одговор побаравме и од Центарот за социјална работа. Од таму ни беше речено дека утре ќе испрателе социјални работници да го испитаат случајот и дека доколку семејството ги исполнувало условите, ќе му било дадено се’ што им следувало од државата. Но, останува нејасно зошто се чекало олку време, кога овие луѓе веќе деценија и пол живеат вака ?!
Каролина Дурло за “АЛФА ТВ”