Објаснете и’ на целата јавност, зошто ја донесовте Република Македонија на ова дереџе како што е сега? Во секоја општина сте драстично поразени, затоа што граѓаните ви пресудија за вашето несовесно, недомаќинско и хаотично работење – порача од собраниската говорница пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, Билјана Кузманска, реплицирајќи и’ на својата колешка од СДСМ, Сања Лукаревска.
Целата реплика на Кузманоска проследете ја во продолжение:
-Ги излажавте студентите за ваучерите, им ветувавте, но кажавте накрај дека немало пари за тоа, а сега може да има пари. Оваа Влада ќе додели 55.000 ваучери со вредност од 15.300 денари, затоа што младите не се статистика, туку се приоритет во оваа држава.
Велите дека се појавила дупка во пензискиот фонд, па вие ги излажавте пензионерите. Во ваше време им велевте на пензионерите, дека пензиите можат да пораснат по 180 ден. годишно. Па со тој ваш раст, можеа само кафе тогаш да си купат пензионерите. А денес со сериозна и одговорна политика, пензиите се зголемени 7000 денари за година ипол.
Во овој Буџет предвидени се 116,8 милијарди денари, или раст од 9,8%. Е сега веќе ќе има пари, ама затоа што некој се залага за рационално да бидат распределени, а тогаш немаше затоа што ги трошевте парите. 7 години ја формиравте буџетската каса од народни пари, и што направивте? Ништо не направивте. Извинете грешам нешто… направивте едно нешто, ги направивте граѓаните должници. Направивте огромни долгови за проекти кои јавноста никогаш не ги виде. Плаќаме и ден денес камати, за ваши нереализирани фантазии, наречени капитални инвестиции. И сега доаѓате да зборувате за развој… Вие сте последни што имате право да зборувате за развој, порача Кузманоска од собраниската говорница.
























