(ВИДЕО) По 7 години првпат СДСМ Прилеп загрижен за безбедноста во градот

Деновиве повторно гореа автомобили на наши сограѓани, прилепчани. Прилеп стана небезбедно и опасно место за живеење од оној момент, кога на предлог на ДПМНЕ беа поставени новиот началник на ОВР – Прилеп и командирот на Полициската станица – истакна во денешната прес конференција Мики Крстев од СДСМ Прилеп.

Прес конференцијата во целост ја пренесуваме во продолжение:

Оттогаш до денес запалени се повеќе од 10 патнички и товарни моторни возила. Гореа автомобили на инспектор од прилепската Полициска станица, на познат спортски работник, основен јавен обвинител, адвокат, претседател на Општинска организација на СДСМ.

Истовремено, опожарен беше и ноќен клуб, во двор од куќа на полициски службеник беше фрлена бомба, а употребата на огнено оружје во угостителски објекти стана, безмалку, инцидент на дневна основа.

Не само што нарачателите и извршителите на овие дела насочени против животите и имотите на граѓани на Прилеп не се откриени, туку од страна на најодговорните во МВР, голем дел од настаните се прикриени.

Сето ова се случува пред очите на прилепчани, кај кои од ден на ден се зголемува чувството на страв и несигурност предизвикано од никогаш полошата безбедносна состојба во градот.

Ваквиот развој на настаните е директна последица на систематското урнисување на безбедносните служби, во режија на ДПМНЕ и министерот Панче Тошковски.

Пресметката со професионалците и поставување нестручни партиски војници на раководни места, не само во ОВР – Прилеп туку во целата држава, има една цел: партизирање на безбедносните структури и нивно ставање во функција и под целосна контрола на ДПМНЕ.

Или кажано со други зборови, после 7-годишна пауза, ДПМНЕ во нашите животи повторно го враќа системот МВРО – ВМРО.
Почитувани,
Неспособноста на прилепската локална власт да одговори на потребите на граѓаните, да ги решава нивните проблеми и, првенствено, да им ја гарантира безбедноста, одамна ја надмина границата на подносливост.

Она коешто на нашите сограѓани им е од приоритетно значење, е враќање на мирот и безбедното живеење.

Во таа насока, советничката група на СДСМ и Коалицијата ќе поднесе барање за дополнување на дневниот ред на седницата на општинскиот Совет закажана за среда, 18-ти декември, со нова точка: „Информација за актуелната безбедносна состојба во градот“, поднесена од страна на ПС од Општа надлежност – Прилеп.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.