ВИДЕО: Параноја во Грција од темата за македонското малцинство и децата бегалци

MAKEDONEC

Пред вистината молчат боговите, но не и Грците. Темата за македонското малцинство и децата бегалци и натаму предизвикува параноја во грчката јавност, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

Денешната проекција на филмот “Македонец” во Европскиот парламент, преку кој се раскажува приказната за голготата на децата бегалци од граѓанската војна во Грција, за грчките политичари претставува нова провокација од Македонија, продолжување со наводните територијални претензии и злоупотреба на грчката историја. Во писмо упатено до претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, група грчки европратеници го изразија своето незадоволство поради проекцијата на филмот за како што велат “непризнаено малцинство” во Грција.

“Ова е филм кој што претставува уште една алка во синџирот на провокации на Скопје насочени против Грција, со оглед на тоа што во него се зборува за наводно Македонско малцинство во Грција, а го доведува во прашање очигледниот и вистински грчки карактер на регионот. Скопје, за жал продолжува да им се посветува на иредентистичките аспирации кон грчката Македонија и да прави заговори против грчките суверени права. Ја злоупотребуваат грчката историја и ги присвојуваат грчко-македонските кралеви Филип и Александар Велики, иако знаат дека тие се појавија во регионот девет века подоцна”, се вели во писмото на четворица европратеници од редовите на опозициската Нова Демократија.


Проекцијата на филмот е во организација на Европската слободна алијанса од Брисел чиј член е и партијата на Македонците во Грција “Виножито”, а во соработка со европратениците Марија Терикабрас и Марек Плура од Европската народна партија.

“Ова е трагичната приказна за македонските деца бегалци кои што избегаа од Грција за време на граѓанската војна од 1946 до 1949 и беа распрскани низ неколку држави од поранешниот Источен блок. Околу 35 000 деца ја напуштија Грција, а 3000 од нив засолниште пронајдоа во Силесија и за нив се грижеше локалното население. На овие деца им беше дозволено да се вратат во своите родни места само ако се изјаснат дека се Грци, нешто што повеќето од нив одбија да го сторат, со што останаа во постојан егзил”, се вели во соопштението на Европската слободна алијанса.

Од таму информираат дека по проекцијата на филмот следува дебата на која што освен нивен претставник, учествуваат и претставници на Виножито, како и режисерот на филмот Петро Алексовски.

Грчките власти пред само неколку денови повторно одбија влез на неколкумина Македонци, кои што беа упатени на прославата на роденденот на македонскиот весник Нова Зора во Воден. Грчките власти со декади водат расистичка политика, преку ставање на црните листи како на децата бегалци, така и на други Македонци од странство кои што ги бранат правата на Македонското малцинство во Грција, велат од Европската слободна алијанса, нагласувајќи дека ова срам за Европската Унија кој што мора веднаш да запре.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.