(ВИДЕО) Немаше каде игла се фрли! Бадниковата поворка во Битола денеска беше нешто посебно да се доживее

Овој празник не потсетува на важноста на заедништвото, љубовта и споделувањето – вредности што нè обединуваат и нè прават посилни како заедница.

Бадник е момент на тивка подготовка за големиот ден што следува, празник на мирот и светлината, кои го осветлуваат патот во нашите животи.
Денес ја славиме традицијата, но и нашите семејни и духовни врски што ја одржуваат жива, искрата на празникот.

Нека топлината на празничниот дух ги исполни вашите домови, нека љубовта биде вашиот водич, а радоста да ви биде постојан придружник.

Денешната Бадникова поворка во Битола со неколку илјади учесници започна од плоштадот „Магнолија“, а продолжи до црквата “св. Великомаченик Димитриј” и потоа по Широк Сокак до платото на Офицерскиот дом.

Како дел од свечената програма свој настап имаа нашите учесници на детската Евровизија Ана Ванчевска и Алексеј Ивановски, детскиот црковен хор св. Стилијан со изведба на црковни псалми и неколку солисти кои за крај ја изведоа песната “Вечниот Бог”.

Свое обраќање пред присутните имаше и градоначалникот Тони Коњановски, кој рече: “Нека ни е за многу години денешниот предвесник на Христовото раѓање Бадник, со љубов и радост во срцата, да го дочекаме утрешниот ден, денот на Христовото раѓање, Божиќ. Да си подадеме рака на доверба, почит и љубов. Во очи на Божиќ завршува овогодинешното издание на Зимската приказна која оваа година го исполни градот со многу среќа, радост и детски насмевки изминатите 18 дена. Празниците живеат во Битола”.

На крајот Општина Битола подели над 1000 празнични пакетчиња на дечињата кои беа дел од бадниковата поворка.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.