(ВИДЕО) Мицкоски со нов предлог: Заев да се откаже од Договорот, потоа избори и формирање на ново СЈО

Предвремени избори со формирање на пржинска влада и јавен обвинител на предлог на опозиција или отфрлање на Договорот и избори, по кои ќе се избере јавен обвинител со консензус на сите партии, се двете опции што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги понуди на денешната прес-конфернеција во седиштето на партијата за, како што рече, излез од политичката криза во земјата.

Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Мицкоски.

Република Македонија влегува во нова политичка криза.

Кризата е производ на очигледната неспособност на владата да менаџира со клучите процеси во државата, како и да испорача резултати и да ги оствари очекувањата создадени пред граѓаните.

Во изминатиот период имаме разголена власт со сета своја немоќ и недостаток на демократски капацитет.

Долг период оваа влада својата неспособност да испорача видливи подобрувања важни за животите на граѓаните го компензираше со оркестрирана кампања, би рекол наметнување на сеопшта психоза во општеството дека следи процес на решавање на името, што објективно е долгогодишен спор и камен на сопнување и дека на тој начин ќе се откочел процесот кон зачленување на нашата татковина во НАТО и ЕУ.

Зад таквиот превез и создадени очекувања дека ќе направи некој си исчекор, владејачкото мнозинство си создаде алиби за сите неуспеси во реалниот живот станувајќи Влада за едно прашање, но сведоци сме дека и на тоа прашање доживееја дебакл.

Решението кое го донесе на маса е катастрофално по повеќе основи, и неприфатливо, како за ВМРО-ДПМНЕ така и за мнозинството граѓани. Но и покрај тоа, и покрај моите предупредувања дека државата на овој начин ја турка во провалија и несомнено сето ова ќе заврши со огромен неуспех, како што би рекол премиерот тој реши да игра „all in“ и на една карта, и овој процес, пред се поради начинот на кој го водеше, но и поради суштината на договореното, а тоа е на кратко сублимирано, промена на име и изгубен идентитет, се удри во ѕид и може само да се констатира дека договорот е мртов.

А тој се удри во ѕид, затоа што Премиерот дејствуваше нечесно, нанесувајќи трајна штета за преговарачките позиции на Република Македонија, меѓудругото туркајќи ја земјата и кон меѓународно бламирање. Договори договор без консензус, лажно ветувајќи дека ќе исполни нешто што не може да го исполни, манипулирајќи ги и меѓународните партнери, меѓународната заедница дека ова може да помине кај граѓаните, притоа организирајќи масовна медиумска кампања која требаше да ги покрие сите слабости на договорот, кој народот не ги проголта. Се злоупотреби и евроатлантската аспирација, но народот сфати дека на масата каде се носат одлуките не е дали ќе станеме членка на ЕУ и НАТО, туку дали ќе се себепреименуваме, ќе ги преименуваме нашите деца и сите наши идни поколенија, при тоа ќе го загубиме трајно нашиот идентитет, без да добиеме никакви гаранции.

И покрај притисоците, заканите, очигледните уцени, полнењето, бруталното полнење на кутии, власта не успеа да ги изманипулира граѓаните кои останаа свесни и трезвени и покажаа држатворност и одговорност кон својата земја на највисок степен. Тоа е нешто што на овие луѓе од владата им недоставсува.

Резултатот од референдумот, со сите свои аномалии и фалсификувања, покажува дека народот си ја одбрани и зачува својата татковина. Никако не може да се игнорира волјата на повеќе од 1.200.000 граѓани, кои беа против договорот, оние кои гласаа така или одлучија да апстирнираат и на тој начин да го покажат своето несогласување.

Власта, почитувани претставници на медиумите, и почитувани граѓани, е целосно делегитимирана. Заев веќе нема легимитет и кредибилитет за позицијата што ја врши затоа што неуспешниот референдум е и порака не само дека договорот не проаѓа, туку и дека криминалите не смеат да продолжат, исто како и аферите и милионските тендери во 4 очи, дека реалноста за еврата на Вицето и тендерите на Анѓушев треба да престане, дека 5.3 милиони евра зделка за учебници на фирми блиски до власта не е општество во кое што сакаме да живееме, не е европско општество, општество во кое што имаме тендери за криминални иновации во милионски износи. Исто како и неостварените ветувања како што се 500 евра просек плата, 100.000 денари плата за докторите, 500 километри автопат, поврат на ДДВ и какви ли ти се не ветувања Зоран Заев изминатиов период даваше и презентираше пред македонската јавност.

Народот испрати сериозна порака, дека Зоран Заев не може да биде повеќе премиер и дека треба да се повлече.

Овој договор не поминува првенствено не затоа што ВМРО-ДПМНЕ води некаков инает, или дека поставува некакви непринципиелни барања, туку власта треба да знае и да расчисти еднаш засекогаш дека народот не го прифаќа.

Ваква слепа улица во која не дотурка власта, треба да се отвори, а Македонија да има излез. Не заради Заев кој станува минато, туку заради иднината на целата држава. Нова криза ќе ја доуништи и така кревката економија, а секој еден од вас знае дека со овие луѓе нема да биде подобро, туку напротив ќе биде само полошо. Бизнисот ќе трпи, а сиромаштијата ќе се зголемува.

За тоа има, почитувани граѓани две опции.

Првата веќе ја соопштив, тоа се избори кои Зоран заев ги најави, а ВМРО-ДПМНЕ ги прифати. И за кои да се случат мора да има техничка пржинска влада, содржински иста онаква каква што имаа СДСМ и Зоран Заев пред изборите во 2016-та година. Затоа што потребно е да се создаде атмосфера на фер изборен процес, кој во овој момент поради насилието на власта и узурпираната моќ ја нема.

Второто барање е ЈО кој ќе е на предлог на опозицијата како и собраниска комисија која ќе ги разгледа нерегуларностите при референдумскиот процес, за да истите не ни се повторат за време на предизборието и на самиот ден на гласање.

Пред да ја споменам втората опција, сакам да напоменам пред македонската јавност, пред преставниците на медиумите дека власта, непринципиелно, лажно ме обвинува веќе подолг период дека сум барал и тајно преговарал некаква општа амнестија, и на тој начин сака да ме девалвира мене лично, а и практично да ја дефокусира јавноста од сите нејзини криминалии и незаконски дејства. Па измислуваа дека намерно сме го кочеле политизираното СЈО наводно така попречувајќи ја правдата. Па потоа ја надградија оваа теза дека наводно поддршката од пратениците за договорот сум ја условувал со некакво барање за некаква амнестија.

Ја користам оваа прилика, пред македонската јавност, пред претставниците на медиумите да го кажам следното, влегов во политиката да му служам на народот, и поради тоа да создавам и градам за народот, но и да се борам против криминалот и корупцијата која долги години го разјадува нашето општество, а чија кулминација достигнува сега во овие моменти.

Ниту сум условувал, ниту сум уценувал било кого, затоа што сите пратеници, исто како и владата имаат должност да ја следат волјата на граѓаните изразена на референдум. Референдумот е волјата на народот.

Во таа насока, втората опција која ја нудам е господинот Зоран Заев веднаш да се откаже од договорот и потоа ајде на избори, па народот да одлучи, притоа ВМРО-ДПМНЕ после изборите ќе поддржи создавање на нова обвинителска институција за сузбивање на организираниот криминал и корупција, веднаш по завршување на работата на постојното политизирано јавно обвинителство, но овојпат професионализирано и водено од јавен обвинител кој ќе дојде по пат на консензус на партиите кој вистински ќе се бори против криминалот и кој ќе работи на случаите отворени од постојното специјално јавно обвинителство, а воедно ќе има можност да ги доиспита и анализира незаконски прибавените снимани материјали за кои се тврдеше дека поради кусиот мандат не се доиспитани, но и воедно ќе го изнализира и испита и периодот на работење на актуелната влада и сите афери и сомнежи за криминал поврзани со актуелната влада, вклучително и нерегуларностите произлезени од референдумското изјаснување. Но и сите оние материјали кои што се дел од незаконски стекнатите прислушкувани материјали, а кои што се однесуваат на Зоран Заев и СДСМ.

Затоа стојам овде пред македонската јавност, пред граѓаните на Република Македонија и велам, ајде да ставиме крај на сомнежите за криминал, корупција еднаш за секогаш во оваа држава.

Ајде вистински да го осудиме криминалот каде тој ќе се докаже.

Еве шанса да докаже оваа влада дека вистински се бори против криминалот, наместо заштитник, дојдете од другата страна и станете противник на криминалот. Ако немате што да криете, заштитите не законски, тогаш поддржете го предлогот кој го нудам.

Има излез, и да ставиме крај на сите сомневања за сторен криминал. Наместо прогони, вистинска правда.

Нудам излез од кризата, напуштање на договорот, осуда на криминалот и правда за секој еден граѓанин во оваа држава. Тоа и треба на Македонија.

На Македонија не и потребна нова криза, на Македонија и е потребен напредок и победа.

А, Македонија ќе победи, народот ќе победи само со чесен и искрен и принципиелен пристап.

ВМРО-ДПМНЕ останува со народот. И ВМРО-ДПМНЕ ќе победува заедно со народот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.