Во организација на културниот-истражувачко-документациски центар за Мариово “Калеш Анѓа” и Планинарското друштво “Јане Сандански”, во неделата на 01.10.2023г. се одржа комитски марш со кој се одбележаа 120 години од големата битка на врвот Маргара, кај прилепско Чаниште.
Три комитски чети од различни страни маршираа, за на крајот да се најдат во дворот на манастирот Св. Петка во Чаниште.
Настанот беше збогатен со културно-уметничка програма со настап на КУД “Момимок”, беседа во чест на загинатите комити, комитска заклетва, како и комитски песни.
Посебна убавина на настанот дадоја коњаниците од коњаничкиот јавачки клуб “Букефал” од Битола.
БИТКА КАЈ МАРГАРА
Битка кај Маргара e борба водена помеѓу здружените чети на Македонската револуционерна организација против османликата војска кај село Чаниште, Мариовско во екот на Илинденското востание.
Битката започнала утрото на 2 октомври 1903 година. Здружените чети (околу 140 души) на чело со Ѓорче Петров, Лазар Поп Трајков, Иван Попов, Лука Иванов и Јован Иванов (Црногорец) го зазеле врвот Марагара и започнале борба со една пешадиска бригада, која се состоела од 5 500 турски војници. Четите успешно ги одбивале нападите по што се повлекле преку Црна Река. Востаниците имале 4 загинати и 8 ранети додоека пак Турците имале загуби од околу 200 – 400 души. Оваа битка била една од најголемите битки водени во Прилепско во текот на Илинденското востание.
ВИДЕО: Тренчо Димитриоски