Втора година по ред љубителите на планинските адреналински спортови и рекреативците ќе можат да уживаат во убавините на Крушевските предели. Оваа година фестивалот „When In Krusevo“ ќе се одржи во последниот викенд од Јуни, односно од 29-ти јуни до 1-ви јули, а организаторите најавуваат уште поголем и подобар фестивал од претходната година.
Имено, оваа година понудата на тури и активности вклучени во картата од 400 денари е збогатена со уште повеќе содржини, па сега таа покрај стандардните планински и велосипедски тури вклучува и планинска трка, јога и кросфит часови, гастрономска тура, посета на три музеи – Македониум, Спомен куќа на Тоше Проески и Мартиноски, нуркање и извиднички курсеви за најмалите.
Покрај ова, обезбедени се и други адреналински содржини по промотивни цени, па посетителите ќе може да уживаат и во тандем параглајдинг, кајакарење и SUP, како и многу други активности во живописните планински предели на преубавото Крушево.
Секако, покрај спортските активности во текот на денот, вечерните часови се резервирани за добрата забава и дружење, а оваа година звучни светски и домашни имиња ќе се погрижат посетителите да имаат незаборавен викенд под отворено небо.
Греми наградените реге изведувачи Inner Circle се главните носители на програмата, а својот настап на сцената ќе го имаат во сабота на 30-ти јуни, каде ќе ги изведат своите најголеми хитови како „Bad Boys“,„ Sweat (A La La Long)“ и „Rock With You“!
Фестивалот во петок вечер официјално ќе го отворат Игор Џамбазов и Гуру Харе, а програмата е надополнета и со DJ настапите на DJ Crazy Slave и Balkan Jam. Во сабота вечер, покрај настапот на Inner Circle љубителите на фудбалот ќе можат да уживаат во заедничко гледање на четврт-финалниот натпревар од Светското првенство во Русија, а потоа и во добрата забава обезбедена од Beta House, Dj Tome Rootboy со поддршка од локалните DJ.
За големиот број на заинтересирани учесници ќе биде обезбедена посебна камп зона со сите потребни услови, а секако на располагање ќе бидат и приватните и хотелските капацитети во Крушево.
Цената за тридневното незаборавно искуство во Крушево е 400 денари, а пријавувањето можете да го направите на веб страната http://wheninkrusevo.mk/