Веројатно само малкумина патници знаат дека во поголемите патнички авиони постојат „тајни соби“ во кои се дружат членовите на екипажите на леталата. Иако патниците имаат впечаток дека стјуардите и стјуардесите се цело време на нога, затоа што во текот летот постојано гледаат некои од нив, сепак во поголемите летала се наоѓаат и посебни оддели наменети само за нив.
Овие „тајни соби“ најчесто се сместени во делот од кабината над првата класа и во нив можат да преспијат членовите на екипажот. Скалите што водат до нив се скриени веднаш до пилотската кабина и во зависност од големината на авионот, во нив има места за осум лица.
Во авионите „боинг 747“ креветите за членовите на екипажот се на кат, а во некои летала, како „ербас А380“, има и посебна просторија за одмор на пилотите. Во просторијата за пилотите во авионите „боинг 777“, покрај два кревета, има и тоалет, мијалник и седишта како во бизнис-класата.