Пo повеќе од една деценија планирање, почна работата на најдолгиот подводен тунел во светот.
Тунелот „Фемарнбелт“, кој ќе ги поврзува Данска и Германија, ќе се спушта до 40 метри под Балтичкото Море, а се очекува да биде отворен во 2029 година, пишува Си-ен-ен.
Тунелот долг 18 километри е еден од најголемите инфраструктурни проекти во Европа, со инвестирани над 7 милијарди евра.
Тунелот ќе поминува низ појасот Фемарн, теснина помеѓу германскиот остров со истото име и данскиот остров Лоланд, и е дизајниран како алтернатива на сегашната траект-линија, која секоја година превезува милиони патници. Патувањето со траектот трае 45 минути, а по изградбата на тунелот, ќе бидат потребни 7 минути со воз и 10 минути со автомобил за да се премине од една во друга земја.
Тунелот, чие официјално име е „Фемарнбелт фиксд линк“, исто така ќе биде најдолгиот комбиниран патен и железнички тунел во светот.