Вечер со руска и македонска поезија во Прилеп (Фото галерија)

На 24.09.2025 година во градот Прилеп, во свечената сала на Градската библиотека се одржа манифестација „Вечер со руска и македонска поезија“ по повод на донација на книги од страна на Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија за во фондот на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“-Прилеп.

Списокот на донираните книги го сочинуваа над 55 печатени книги, како и аудио книги, меѓу кои имаше книги на руски, на македонски, а имаше и двојазични, руско-македонски, книги.

Настанот го организираа директорката на Градската библиотека, поетеса госпоѓа Андриана Ристеска, којашто беше домаќин на овој настан, заедно со претставничка на руската дијаспора во Македонија, македонистка Дариа Красник (Шафрина), којашто воедно беше и водител на настанот. Оваа манифестација никогаш немаше да се овоплоти без бескрајна поддршка на Амбасадорот на Руската Федерација, Неговата Екселенција господин Сергеј Александрович Баздникин и Конзулот на Руската Федерација, втор секретар господин Константин Иванович Чеботарев.
На сцената со свечени говори настапија домаќинот, директорката на Градската библиотека госпоѓа Андриана Ристеска, градоначалникот на Општина Прилеп господин Борче Јовчески, Амбасадорот на Руската Федерација, Неговата Екселенција господин Сергеј Александрович Баздникин, потцртувајќи дека руската и македонската култури се словенски, блиски и дека соработката помеѓу двете држави на ниво на култура има големо значење затоа што Културата е поим којшто го обединува човештвото и нема граници.

За историско-цивилизацискиот континуитет на градот Прилеп, како и на цела Македонија, и за историјата на руско-македонските односи кажуваа познати професори по историја од Прилеп Горјан Василевски и Ѓорѓи Костоски. После нивниот интересен и длабокомислен историски осврт се започна и концертниот дел на настанот. Во рамките на концертот настапи новинар, поет и преведувач од Прилеп Филип Димкоски со песните од рускиот поет Алексеј Решетов, од македонскиот поет Ѓеорѓи Сталев и, се разбира, од легендарниот Блаже Конски. Дариа Красник (Шафрина) ги рецитираше песните од руските поети Сергеј Есенин, Марина Цветаева и Афанасиј Фет на руски јазик. Музичката нумера од Антонио Петкоски, ученик во прва година во средното музичко училиште во Битола, а по потекло од Прилеп, односно неговата музичка изведба на „Полонеза“ од Михаил Огински ги фасцинира сите присутни, а како завршна точка на концертот со познатата руска песна „Очи черные“ настапи македонски оперски пејач, добитник на многубројни меѓународни награди и учесник на концертот во Кремљ во Москва Илија Белистојаноски.

Меѓу гостите на манифестацијата присуствуваа: Руската Амбасада на чело со Амбасадорот на Руската Федерација, Неговата Екселенција господин Сергеј Александрович Баздникин заедно со Конзулот на Руската Федерација, втор секретар господин Константин Иванович Чеботарев, трет секретар И.Н. Чернишев и аташе С.В. Иванова; високите претставници на македонското духовенство Митрополит Преспанско-пелагониски Петар, Епископ Велички Владика Николај, Архијерејски намесник во градот Прилеп протојереј Влатко; градоначалникот на Општината Прилеп господин Борче Јовчески, претседателката на Советот на Општината Прилеп Ирена Стерјовска-Локвенец, раководството и тимот на Градската библиотека; претставници од руско-македонските друштва од Прилеп, Ресен и Битола, претставници на различни фели како од Прилеп, така и од други градови, како и руски сонародници. Вкупниот број на гостите на овој настан изнесуваше сто души.

После концертот следуваше разгледување на изложбата на книгите отворена во салата на библиотеката по повод на донацијата, кадешто донираните книги го завзедоа централното место покрај книгите од руски класици од фондот на библиотеката. Изложбата беше украсена со големи портрети од руските класици (на пример, од Ф. Достоевски, од А. Пушкин и др.). Настанот се заврши со прекрасен коктел со дружење во убава, топла и позитивна атмосфера.

Се надеваме дека овој настан е само почеток на нова културна руско-македонска соработка во градот Прилеп!

Автор: Дариа Красник (Шафрина)




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.