Во рамки на музичката програма при НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, на 11.02.2025 година, со почеток во 19:00 часот, публиката ќе има можност да проследи целовечерен концерт на оперскиот тенор Илија Белистојаноски во пијано придружба на Дарко Мариновски и да ужива во серија светски познати оперски арии.
Програмата на концертот ги опфаќа следните музички дела:
1. Amarilli – Џулио Качини – стари мајстори
2. Sento nel core – Алесандро Скарлати– стари мајстори
3. Caro mio ben – Џузепе Џордани – стари мајстор
4. O del mio dolce ardor – Кристоф Вилибалд Глук – арија од операта “Paride ed Elena” („Париде
и Елена“)
5. Un aura amorosa – Волфганг Амадеус Моцарт – арија од операта “Cosi fan tutte” („Така прават сите“)
6. Malinconia, ninfa gentile – Винченцо Белини – Sei ariette (од циклусот 6 мали арии)
7. Pourquoi me reveiller – Жил Масне – арија од операта “Werther” („Вертер“)
пауза
8. Che gelida manina – Џакомо Пучини – арија од операта “La bohème” („Боем“)
9. La donna e mobile – Џузепе Верди – арија од операта “Rigoletto” („Риголето“)
10. E lucevan le stelle – Џакомо Пучини – арија од операта “Tosca” („Тоска“)
11. Nessun Dorma – Џакомо Пучини – арија од операта “Turandot” („Турандот“)
12. „Кога падна на Пирина“ – македонска народна песна
Илија Белистојаноски е роден во Прилеп каде го завршил своето основно образование. Потоа се запишува во Државното музичко училиште во Битола, отсек теорија на музика.
Во текот на неговото школување беше забележан како исклучително талентиран пејач и го претставува училиштето на натпреварот за камерна музика во Скопје каде ја освојува првата награда.
Откако ги откри сопствените вокални способности, Илија решава своето понатамошно образование да го продолжи на Музичката Академија во Штип, во класата на реномираниот оперски пејач проф. Борис Трајанов.
Во склопот на академијата изучува правилно пеење и однесување на сцена (глума, движење и став). Учествува редовно на сите концерти во чест на проф. Коста Трпков заедно со оркестарот на Националната опера и балет.
Дебитира на сцената на Националната опера и балет во операта “Macbeth” од Џузепе Верди, во улогата Малколм, заедно со италијански кастинг.
Редовно одржува концерти низ сите градови во Македонија. Непосредно по дипломирањето, освојува прво место од стручното жири на натпреварот „Лазар Јованович” во Белград, Србија.
Потоа освојува Гранд При на натпреварот „Руска Романсијада” во Софија, Бугарија, и со тоа влегува во 12-те финалисти на финалниот натпревар во Москва, каде што ја освојува втората награда од стручното жири. Следи покана за концерт и настап во една од најголемите сали во светот „Кремлинскиот дворец” во Москва.
Учествува на натпреварот за „Руска вокална музика” во Скопје, каде што го освојува второто место при што во жири беше еден од најголемите басови во Русија, проф. Леонид Сметаников.
Влегува во финалните рунди на светскиот натпревар “Belvedere” во Рига-Латвија.
Илија соработувал со познати педагози од музичкиот свет како: Михаел Пабст и Линда Плех (Виена, Австрија), Дануса Лукнисова и Мигел Гомез Паез (Пезаро,Италија) Елда Ларо (диригент, Германија), Паола Мариоти (Италија) инаку последна и лична пијанистка на Лучиано Павароти, Николас Клептон (Англија) и др.
Редовен учесник на мастер-класите на една од најголемите примадони во Италија, Проф. Капучине Киаудани. 3 концерти во Југоисточна Македонија во месец мај 2022 год. 2 концерт за дуо клавири, труба и глас во Кавадарци и Скопје во септември и настап по повод 78 годишнина од ослободувањето на Куманово, месец ноември. Настап на Охридско лето по повод Денот на македонскиот јазик, 5-ти мај, во црквата ,,Св. Софија”, 2023 година. Концерт во Прилеп за тенор, сопран и пијано поддржан од македонското Министерство за култура во јули. Учество на фестивалот „Златна лира“ со изведба на преработени македонски народни песни во октомври, 2023. Во 2024 година се реализираа два семинари и настапи на ЗАМ – Здружение на академиски музичари, на коишто учествуваа музичари од целиот балкан меѓу кои и Белистојаноски. Исто така, има учествувано на светскиот натпревар по пеење “Byulbyul” во Баку, Азербејџан во јуни, 2024.
Дарко Мариновски – пијанист
Роден е во Скопје 1974 год. Основно и средно музичко образование завршува во МБУЦ ,,Илија Николовски Луј,, во Скопје. Дипломира на ФМУ- Скопје 1997 год. во класата на реномираниот професор Борис Романов. Магистерските студии ги завршува 2000 год. под менторство на проф. Јасминка Чакар.
За време на студиите одржува бројни настапи и концерти во Македонија во рамките на Скопско и Охридско лето како и концерти во Р.Бугарија.
Од завршувањето на студиите до летото 2013 работи како професор по пијано и корепетиција во МБУЦ ,,И. Н. Луј,, во Скопје. Неговите ученици бележат значајни резултати како награди на државни и мегународни натпревари.
Исто така учествуваше во работилниците по композиција во класите напроф. Илија Пејовски и проф. Томислав Зографски кај кои и редовно ги посетуваше часовите по модална хармонија.
Од јануари 2009 година е декан на Факултетот за применета музика на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк, функција која ја извршува до 2019 год.
На овој факултет ги предава предметите композиција на филмска и театарска музика, пијано, модална хармонија и музички стилови. Неговите студенти по композиција на филмска музика бележат значајни остварувања на разни манифестации низ земјава како и на мегународни филмски работилници и фестивали во БиХ, Бугарија, Хрватска, САД и други
земји.
Во април 2016 год. е избран во звање редовен професор од наставно-научниот совет на ЕСРА.
Автор е на музика на неколку краткометражни филмови кои земаа учество на повеќе филмски фестивали во земјава и странство. Автор е на музиката на театарската претстава „Косара“ од Загорка Поп Антовска чиишто 4 изведби беа реализирани во ноември 2013 год. во МОБ. Како член на квартетот „Коскаров“ го снима ЦД-то “The best of Jazz and
Blues” со музика од светската џез литература, издадено во 2011.
Автор е на оркестарските аранжмани на 5 македонски родољубиви народни песни кои премиерно беа изведени на 24.12.2015 год. на гала концертот во салонот на МОБ по повод 30 години од кариерата на маестро Борис Трајанов, под диригентската палка на маестро Џорџе Павловиќ од
Белград.
Од септември 2013 работи на Музичката академија при УГД – Штип со студентите во класата на проф. Борис Трајанов како пијано соработник, како и во оперското студио при истата академија.
Од септември 2015 работи и на Филмската академија при УГД – Штип каде ги предава предметите Звук на филм и Акустика со психоакустика, перцепција и анализа. Мариновски работи и како уметнички соработник со повеќе истакнати македонски уметници со кои настапува во Македонија, како и во концертните сали во Рим, Париз, Вашингтон, Истанбул и др.