Вечерва финале на турнирот во мал фудбал “Св. Никола 2019”

Традиционалниот хуманитарен турнир во мал фудбал „Св.Никола 2019“, кој во Универзалната сала во Прилеп се одржува по 9-ти пат, дојде до самиот крај.

На задоволство на љубителите на малиот фудбал, синоќешните полуфинални натпревари во сениорска конкуренција понудија врвен фудбал.

Откако во регуларниот дел натпреварот заврши со резултат 2:2, победникот на првото полуфинале беше добиен после изведувањето на пенали, при што екипата на „Бучин“, најголемото изненадување на годинешниот турнир, беше подобра од „Теа – Андреа“.

Вниманието на публиката беше насочено кон вториот полуфинален натпревар, кој за многумина беше „финале пред финалето“, а во кој се сретнаа екипите на „Фенербахче“ и „Ресторан Путник“. Во возбудлив натпревар на мајсторите на малиот фудбал, подобри и посреќни беа играчите на „Фенербахче“, кои ги победија своите противници со резултат од 2:1 и на тој начин го трасираа патот до големото финале.

Денеска е последниот ден од турнирот, кој ќе ја донесе разврската и ќе ги разреши сите дилеми околу распределбата на пехарите.

Фудбалската програма започнува во 19.00 часот, со натпреварот за третото место во кој се среќаваат екипите на „Ресторан Путник“ и „Теа – Андреа“. После кратката забавна програма, во 20.30 часот започнува големото финале, во кое силите ќе ги одмерат фудбалерите на „Фенербахче“ и „Бучин“.

Она што пред почетокот на финалните натпревари уште еднаш треба да се потенцира, е хуманитарниот карактер на турнирот, што значи дека собраните средства ќе бидат наменети за лекување на нашиот млад сограѓанин, Дејан Најдоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.