Тренерот на голманите на Еурофарм Пелистер – прилепчанецот Ице Соколески, го исполни ветувањето кон навивачите и играчите.
Трите шампионски титули на “зелено-белите” ги тетовираше на неговата рака, како вечен паметник за најдобрите ракометни години во Битола.
Соколески важи за еден од омилените членови на стручниот штаб кај “Чкембари”, човек кој е посветен до најситен детал во работата и важна алка во шампионскиот тим на битолчани.
Неодамна Соколески се врати од кампот за ракометни голмани во хрватскиот град Омиш, кој се одржа по 15. пат, а прилепчанецот третпат во низа беше дел од тренерскиот штаб на кампот.
Таму нашиот тренер беше во друштво на: Примож Прошт, Харис Поробиќ, како и Дино Шпиранец и Драган Јерковиќ, кои работат во Магдебург и Рајн Некар Левен.