ВЕТЕНОТО СЕ РЕАЛИЗИРА: Ќе се вработат најдобрите 100 студенти од државните универзитети

Вработување на 100-те најдобри студенти на додипломски студии, вети лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во месец февруари најавувајќи пакет мерки за младите лица.

 

gruevski-mladi

-За два месеци излеговме со 14 значајни ветувања за младите, тие се нашиотфокус и еден од нашите најзначајни приоритети. Секоја инвестиција во младите луѓе е инвестиција во својата иднина и во обезбедување на капитал кој е трајна вредност која се исплати неколкукратно. Сите мерки и проекти стануваат реалност. Со нас знаете дека сте на сигурно и дека ветеното ќе го реализираме. Одмереноста е одлика на сериозноста со која ние постапуваме, но и искрениот однос кој го имаме. Денес дозволете да објавам нови проекти за младите кои имаат реална и конкретна вредност. Вработување на 100 најдобри студенти на додипломски студии, автоматско, законско, директно вработување. Најдобрите 100 веднаш по комплетирање на образованието ќе добијат работа и сигурна егзистенција, најсилен поттик на оние кои инвестирале во своето образование. Од секоја учебна година стоте најдобри кои дипломирале на државни универзитети во Македонија ќе бидат вработени во јавната администрација, акционерски друштва. Ќе се подготви методологија за рангирање согласно просечната оценка во текот на студирањето и ќе има околу 70% удел во конечно рангирање. Поседување на меѓународен сертификат за трите најчесто користени јазици на ЕУ издаден од официјален европски тестатор ќе има удел од 20% во рангирање. Трет критериум ќе биде брзината на завршување на додипломските студии. Во предвид ќе бидат земени најдобрите од петте најдобро рангирани универзитети во Македонија. Секоја година од прво рангираниот 30 најдобри, второ рангираниот 25, трето рангираниот 20, четврто рангираниот 15 и петто рангираниот 10 студенти. Во критериумите ќе биде и елементот на тоа колку испити има положено студентот кај професор што има повеќе од 2 објавени труда во меѓународни списанија со импакт фактор, истакна Груевски во февруари.

Ветувањето веќе се исполнува

Капацитетите на јавната администрација ќе се зајакнуваат со вработување на 100 најдобри студенти од јавните универзитети. За реализација на владиниот проект Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) подготви Предлог закон со кој се уредува начинот и постапката за вработување на студентите, а кој ќе се најде во владина процедура следната недела.

-Според Предлогот, секоја година во август Владата ќе објавува оглас за вработување на сто најдобри студенти. Ќе може да се пријават сите заинтересирани кандидати кои во тековната година завршиле универзитетски студии и студиски програми кои се реализираат интегрирано низ првиот и вториот циклус на студии, информира вчера  на прес-конференција заменик министерот за информатичко општество и администрација, Тимчо Муцунски.

За да добие работен ангажман дипломираниот студент ќе треба да помине административна селекција и да положи испит за административен службеник и тест на личност.

– Оваа мерка претставува сериозен стимул за најдобрите студенти кои се посветиле на образованието, што веруваме дека е клуч за успех во животот на секој поединец и капитал кој има долгорочна употребна вредност. Преку обезбедување сигурна егзистенција за младиот научен потенцијал му овозможуваме да ја гради својата иднина во Македонија, рече Муцунски.

mucunski

При административната селекција кандидатите можат да добијат најмногу 100 бода, од кои 70  од формално образование, најмногу 20 од меѓународно признати сертификати за познавање странски јазици и најмногу 10 бода од времето кое било потребно за кандидатот да ги заврши студиите. Доколку кандидатот студирал подолго ќе освои помалку бодови. При пресметката на бодовите од формалното образование главен критериум ќе биде просечниот успех со кој кандидатот ги завршил студиите. Дополнителни бодови ќе носат и освоени меѓународни награди, како и бројот на положени испити на студенти кај професорот кој има објавено повеќе од два меѓународни труда во меѓународни списанија од базата на Томсон Ројтерс.

– За да се обезбеди застапеност при вработувањето на сите образовни профили во постапката за вработување и при распределбата на работните места ќе се води посебна сметка работните места да бидат распоредени во рамки на сите научни подрачја, односно да се вработат најдобрите студенти од различните студиски програми, рече Муцунски.

Вработените сто најдобри студенти, појасни, понатаму ќе може да бидат распоредени во соодветните институции според научното подрачје во кое припаѓа факултетот кој го завршиле. Претходно институциите во своите акти за систематизација треба да ја имаат утврдено потребата за вработување таков профил на кадар.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.