Бигорскиот манастир и годинава беше едно од македонските светилишта каде на величествен начин беше дочекано Рождеството Христово. Монасите и монахињите овозможија сите оние кои одлучија за Божик да бидат во Бигорски, да ги почувствуваат сите радости на овој голем христијански празник.
-Се во Бигорската Обител беше во духот на таа радост: и божикно украсениот храм, и снежно разубавениот манастирски двор, и бадниковото навестување на Рождеството, и самото доживување негово на целоноќното богослужение… Тука, со голема радост и благодарност, би ги спомнале посебно озарените лица на членовите од ансамблот „Македонија“ од Скопје, кои предводени од нивните раководители, професорите Владимир Јаневски и Тимко Чичаковски, и покрај силните снежни наноси, пожртвувано допатуваа во Бигорски за да ја збогатат бадниковата вечер со нивниот прекрасен настап, што присутните верници ги остави со солзи во очите. Доволна беше само нивната достоинствена појава – сите облечени во македонски народни носии од мијачкиот крај – за да предизвикаат восхит кај сите; а кога, пак, низ звуците на традиционалните народни инструменти, се запеа „Вечниот Бог“, беше тоа едно вистинско благодарење и славење на премилостивиот наш Господ, велат од Бигорски.
Погледнете ја галеријата снимена од бигорските монаси:
Целосната ГАЛЕРИЈА погледнете ја ТУКА
Извор: Религија.мк