Како и секоја година, и оваа, Собранието на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ќе додели награди за животно дело.
Собранието донесе одлука награди за животно дело да добијат двајцата великани на македонското глумиште, Петар Мирчески и Петре Темелковски.
Петар Мирчевски
Наградата за животно дело обично се дава на поединци кои поставиле нови мерила за квалитет и пристигнале на врвот на планината наречена уметничка кариера. Но во случајот на Петар Мирчевски, актер според кого пензијата е условна работа, кариерниот врв тешко се дефинира. А како да се дефинира кога Мирчевски е постојано во нагорна линија, чиниш сега тргнал по патеката нагоре?
Вистинскиот почеток на актерската приказна на Мирчевски се случува пред повеќе од четири децении, кога се зачленува во драмската секција на битолската гимназија „Јосип Броз Тито“ и почнува да игра на младинската сцена во тамошниот театар, каде што се вработува по дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1979 година. Оттогаш, Мирчевски посветено ја гради својата кариера на неколку паралелни патеки. Како постојан член на ансамблот на Народниот театар во Битола и чест гостин во поголемите театри во Македонија, Мирчевски достигнува импозантна бројка од 170 остварени ролји. Меѓу нив, особено салиентна е улогата на првиот македонски Сирано во Сирано де Бержерак (текст: Едмон Рустан, режисер: Љубиша Георгиевски). Оваа улога му ги носи првите награди (актер на годината од Екран во 1991 година и најдобра машка улога на МТФ „Војдан Чернодрински“ во 1992 година), а триесетина години подоцна, монолозите на Сирано се сѐ уште врежани во меморијата на Мирчевски.
Потоа следуваат соработки со звучни режисерски имиња и значајни улоги од домашната и светската драматургија, како што се: Тристан (Љубомора и љубов, [1992], режисер: Слободан Унковски), Гавро (Казабалкан, [1998], режисер: Златко Славенски), Санчо Панса (Дон Кихот, [2011], режисер: Владо Цветановски) и Агамемнон (Геноцид, [2015], режисер: Љубиша Георгиевски). Мирчевски толку често игра, што дури и една од најважните вести (раѓањето на синот) ја дознава на паузата од претставата Преноќиште (во режија на Љуба Милошевиќ). Разноликоста на улогите на Мирчевски и емотивната длабочина која е потребна за нивно отелотворување неизбежно водат и до бројни признанија на театарски фестивали, меѓу кои и награда за најдобар млад актер на Млад борец (1999), Златна маска на Охридско лето (1981) и награда за најдобро актерско остварување на Нушиќеви денови (2011).
Иако, според овие успеси, изгледа како Мирчевски веќе да стигнал до солидна надморска височина, вреди да се спомене и работата на над 40 телевизиски серии и играни филмови, во кои соработува со актуелни домашни и странски режисери, како: Теона Митевска, Милчо Манчевски, Драган Бјелогрлиќ, Раде Шербеџија и Емир Костурица.
Она што е заедничко во изведбите на Мирчевски, без разлика дали се на штиците што живот значат или пред камера, е мајсторското „носење на туѓата кожа“ како своја. И жесток и кревок, Мирчевски е еден од ретките актери кој игра со секој атом од своето постоење и гради безвременски ролји кои ги паметат генерации љубители на театарот и филмот не само во Македонија туку и низ целиот регион. Неговата способност дури и во споредните улоги во кои игра на јазик кој не го зборува течно да ги „украде“ симпатиите на гледачите, како што е случајот во турската серија Збогум Румелија, е уште една потврда за неговиот вонсериски талент. Во последната деценија, Центарот за култура во Битола му довери уште една, одговорна задача. Како селектор на Меѓународниот фестивал за монодрама, Мирчевски ги артикулира модерните тенденции во овој посебен театарски жанр и притоа учествува во дефинирањето на културната политика во градот под Пелистер, каде што публиката четири децении го храбри и се гордее со неговите успеси. По толку искачени уметнички планини, наградата за животно дело е и повеќе од заслужена. Сепак, познавачите на кариерата на Петар Мирчевски, освен што ќе му честитаат за достигнувањето, ќе го прашаат и на што работи во моментот. Оти, за актер од неуморниот ков на Мирчевски, постојано има нови врвови за освојување.
Петар Темелковски
Како да се напише експликација за награда за животно дело за еден крајно нетипичен актер и уметник од посебен калибар, а притоа таа да не звучи изветвено и типично? Лесно, затоа што кариерата на Петар Темелковски е полна со невообичаени факти и уникатна симболика.
По дипломирањето на Театарската академија во Софија кон крајот на 1972 година, Темелковски ја започнува својата професионална актерска кариера на штиците што живот значат во еден исклучителен сплет на театарски околности. Во „Животот на Галилеј“ од Бертолт Брехт, режирана од Бранко Ставрев, Телемковски ја толкува улогата на Андреа Сарти, кој од својот учител Галилеј добива значајна обврска – сочувување на неговите ракописи и пренесување на стекнатото знаење кон идните генерации. Галилеј во оваа постановка го игра токму Илија Милчин – неспорниот светилник на македонскиот театар и главниот иницијатор за основање на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Па така, сценската иницијација на Темелковски само ја навестува непроценливата важност која тој ќе ја има за (развојот на) театарот во Македонија.
Како актер, Темелковски гради мошне специфична кариера. Наместо да дозволи институционалните очекувања и имплицитната квота кои произлегуваат од статусот на „постојано вработен актер“ да го дефинираат неговиот актерски опус, тој е во трка единствено со самиот себеси и сопствениот креативен капацитет. Неговата професионална театрографија е како прошетка низ носечките, и неретко насловни, улоги во сите позначајни дела од светската и домашната драматургија. Од Горчин („Пелиново“ на Жарко Команин, 1974) и Џејмс Тајрон („Долго патување во ноќта“ на Јуџин О’Нил, 1988), преку Агамемнон („Ифигенија во Авлида“ на Еврипид, 1996) и Крал Лир (Шекспир, 2002), па сѐ до Херман Клаус („Диво месо“ на Горан Стефановски, 1979) и Максим Бродски („Р“ на Јордан Плевнеш, 1987 и 1991). Ролјите кои ги толкува Темелковски се комплексни и бараат хируршка прецизност, атлетска издржливост и занаетчиска посветеност на актерската игра во секој миг на сцената. Несомнено, неговата супериорна професионална подготвеност, сугестивната игра и мајсторски диференцираниот говор биле клучни за соработката со сите значајни македонски режисери, меѓу кои и најескопонираните имиња од тогашниот нов/модернистички бран: Слободан Унковски и Љубиша Георгиевски (со кого соработувал на 25 проекти).
Индикативни за неговниот нетипичен актерски развој се и низата престижни награди на важни фестивали во Македонија и регионот: „13 Ноември“ (1984), Стериина награда на Фестивалот Стериино позорје во Нови Сад (1987), Златен ловоров венец на Фестивалот на мали и експериментални сцени во Сараево/МЕСС (1988), МТФ „Војдан Чернодрински“ (1990 и 2000), „Ристо Шишков“ на Фестивалот на камерен театар во Струмица (2001), како и филмската награда на Филмскиот фестивал во Пула (1976) за неговото деби како Дуко во филмот „Најдолгиот пат“ на Бранко Гапо. Во историјата на македонскиот театар, малкумина актери можат да се пофалат со фестивалски успеси низ целиот Балкан.
Секако, експликацијата за наградата за животно дело би била нецелосна доколку не се спомене второстепеното симболично значење на улогата со која Темелковски ја започна својата кариера. Како ехо на односот помеѓу Андреа Сарти и Галилео Галилеј, Темелковски 11 години беше на чело на тимот задолжен за остварување на дамнешната визија на основоположникот на МТФ „Војдан Чернодрински“, Илија Милчин. Во улога на уметнички директор, Темелковски ја организираше и ја спроведуваше, со негови зборови, „последната верификација“ на развојот на македонскиот театар од 2007 до 2017 година – не само пред публиката, жири-комисиите и критичарите, туку и пред сите колеги кои заедно ја граделе/градат театарската култура во Македонија.
Во градот кој самиот го опишува како „златен кожурец во кој театарот љубоморно се чува како свилена буба“, првата улога на Темелковски одекнува половина век подоцна – како исклучително наградуван актер, посветен уметнички директор и добитник на награда за животно дело на најстариот театарски фестивал во државата.