Велешката „Рацин“, минијатурата „Вампири“ и дипломска на ФДУ на 6. ден на МТФ „Војдан Чернодрински“

Три претстави со полни гледалишта беа одиграни на петтиот фестивалски ден во Прилеп. Драмски театар со „Парови“ ја наполни големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ до последно столче, „Бура“ на прилепскиот театар, прв пат се изведе на сцената на „Цепенков“ откако е ставен клуч на театарот, а во алтернативен простор во кафе-бар „Тротоар“ настапи актерот Хакан Даци со монодрамата „Ла Макбет“ во режија на Хакан Даци.

Тркалезните маси предзивикуваат внимание на фестивалот. Вчера простор беше одвоен за претставата „Ричард Трети“ од Шекспир, во режија на Куштрим Бектеши. Класичното дело на Шекспир е негово препрочитување, осоременување за да биде поблиско до денешната публика, нагласи модераторот Звонко Димоски. Претставата длабоко навлегува во најтемните слоеви на главниот лик, Ричард Трети.

-Претставата беше долга, комплексна, всушност, како што е и текстот на Шекспир. Се разбира, не беше едноставно да се следи истовремено и преводот. Режисерот Бектеши овој класичен текст го направил со многу современи изрази и некако филмски. Прашање е колку се инспирирал од филмот од 1955 година. Пренесувањето на „Ричард Трети“ во денешно време во популистички, фашистички контекст, слично на филмот, беше голем предизвик и одлично дело поставено на театарската сцена, рече Димоски.

Главниот актер, Адем Карага, кој и, буквално, го презеде најголемиот товар, и физички и психички, на улогата на сцена беше фасцинантен. Карага, во име на режисерот и во сопствено име како актер ги пренесе согледувањата за сценскиот израз.

-Секоја година сум на фестивалот „Војдан Чернодрински“ и ми е посебно задоволство. Работата на претставата беше напорна полни три месеци. Мене ми требаше време да се „одлепам“ од таа класика за да дојдам до денешново време. Шекспир е Шекспир. Режисерот имаше јасна визија. Неговата визија е да го донесе Шекспир во денешно време. Идејата беше да ја претставиме денешницата и каде таа нѐ води, рече актерот Адем Карага кој го толкува ликот на Ричард Трети.

Карага одговори отворено како се спротивставил на физичката и психолошката тежина на ликот.

-Ние сите, како чисти битија, доаѓаме на светов. Околностите нѐ прават зли. Ричард има физички мани, а конфликтот со околината го прави трагичен лик. Јас сочувствував со него, одговори Карага.

Актерот Шкумбин Истрефи од Приштина имаше прва соработка со режисерот и оствари двојна улога во првата своја претстава.

-Ги играв двајцата браќа на Ричард Трети. Чест ми беше што сум првпат на Фестивалот. Адем е актер кој влегува во длабочината на ликот и мене потоа ми беше лесно. Концептот на режисерот дека сите ние, браќата, сме Ричард, рече Истрефи.

Впечатливи, доминантни улоги имаа и трите женски актерки во претставата. Едната од нив, Сабина Мемиши Асланај која имаше двојна улога, на војводата од Јорк и граѓанин смета дека претставата ја вратила во детството и желбите за актерството.

-Улогите беа лесни, но за улогата на принцот, требаше да „излезам“ од себе и да се трансформирам, рече Мемиши Асланај.

Претставата доби многу честитки од присутните на разговорите. Уметничкиот директор Ана Стојаноска нагласи дека музиката бил моќна.

-„Ричард Трети“ е многу тешка драма. Во театар треба сѐ да се замисли. Претставата нуди многу сериозна анализа на Ричард Трети. Мора да кажам дека Албански театар, како колектив, е најорганизираниот театар и сте пример како тоа се прави во една театарска куќа, рече Стојаноска.

Денес на програмата на фестивалот се исто така три претстави. Од официјалната селекција во 19 часот на големата сцена на „Марко Цепенков“ ќе биде изведена „Рацин“ во режија на Дејан Пројковски, на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес. Улогите ги толкуваат: Исидор Јованоски, Васил Зафирчев, Талија Настова, Славица Манаскова, Весна Димитровска, Јордан Витанов, Кети Борисовска, Кристина Зафирова, Благојчо Стојанов, Илин Јовановски и др.

Од независната сцена денес ќе ја видиме претставата „Вампири“ на режисерот Милош Б. Андоновски, што ќе биде изведена во киното „Мис Стон“ во 21.30 часот. Во оваа претстава учествуваат Ангела Стојановска, Филарета Атанасова и Марина Поп Панкова.

На полноќ, на сцената на „Марко Цепенков“ ќе биде изведена „Тука ќе ни биде крајот“, дипломска претстава на студентите на Драмскиот факултет во Скопје од класата на професорите Сузана Киранџиска и Кристина Леловац.

Покровители на 59. издание на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп. И оваа година фестивалот има предзнак екофестивал и има соработка со „Пакомак“. Спонзори се: Витаминка, Прилепска пивара и Diners Club International.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.