САД имаат информација дека Русија почнала да извршува воздушни напади врз цели на цихадистичката група Исламска држава во Сирија, соопштија американски официјални претставници.
Истите извори информираа дека ударите на руските сили најверојатно се извршени во реонот на градот Хомс, додавајќи дека Русија ги информирала САД за нападите еден час пред тие да бидат извршени, пишува МИА.
Коментирајќи ги информациите од Москва за формалната согласноста што Кремљ ја доби од Советот на Руската Федерација за воздушни напади во Сирија, Си-Ен-Ен, повикувајќи се на изјава на неименуван американски функционер, кави дека руските сили веќе извесен период се подготвувале за вклучувањето во сирискиот конфликт, префрлајќи борбени авиони, хеликоптери и разузнавачки дронови.
– Русите во базата во Латакија имаат триесетина авиони од типот СУ-34, како и повеќе од 600 војници, а со помош на дроновите веќе ги имаат определено и позициите на џихадистите од Исмаламска држава, ијзавил неименуваниот функционер.
Според телевизијата, американскиот Пентагон им наредил на своите воени сили во регионот „да воспостават и да одржуваат отворени линии за комуникација“.
Администрацијата во Вашингтон се согласува со вклучувањето на Русија во борбата за уништување на џихадистите и елиминирање на заканата за создавање на т.н. „Исламски Калифат“ на територијата на Сирија и Ирак, но стравува дека воздушните напади на руските авиони ќе бидат во функција на сирискиот претседател Башар ал Асад и неговото останување на власт.
САД неволно прифатија Асад да остане претседател во еден „кус транзициски период“, но се против политичкиот статус кво во Сирија и останувањето на актуелниот шеф на државата на власт на неопределено време.
Западните медиуми шпекулираат дека руските авиони покрај позициите на ИД, би можеле да ги напаѓаат и позициите на разните групи на вооружената сириска опозиција кои ја имаат поддршката на САД и земјите на Западот.
Москва претходно денеска соопшти дека Горниот дом на рускиот Парламент, Советот на Федерација, со мнозинство гласови одобри употреба на авиони на Военото воздухопловство на Русија за напади на цели на територијата на Сирија.
Шефот на Кабинетот во Кремљ, Сергеј Иванов информира дека одлуката на Советот на Федерацијата е донесена врз основа на барањето на Асад за „воена помош во борбата против Исламската држава“.