Фондот за осигурување на депозити упати известување до физичките лица – депоненти на „Еуростандард банка“ АД Скопје дека обесштетувањето по основ на вкупни депозити кои ги имаат во Банката ќе започне во рок од 20 дена и ќе се изврши во согласност со законските прописи.
– Фондот ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност од 30.000 евра по депозит во банка пресметани по средниот курс на Народната банка на 12 август, 2020 година.
Предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август 2020 година.
Во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот коишто се предмет на обесштетување се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката, информираа од Фондот.
Како што појаснуваат, под вкупни депозити на еден депонент се подразбира: денарски и девизни депозити и трансакциски сметки на физички лица во банката, депозити врзани за паричните картички издадени од банката, девизни приливи на физички лица и сертификати за депозити издадени од банката.
– Фондот ќе ги извести депонентите-физички лица за датумот на почеток на исплатата на обесштетувањето и за називот на банката/банките преку која/кои ќе се врши исплатата на депозитите.
За дополнителни информации, граѓаните коишто ги користеле услугите на „Еуростандард Банка” АД Скопје, може да се обратат секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот на: е-адресата: [email protected] или на телефонските броеви: 02/ 3235-730 и 02/3235-735, информираа од Фондот за осигурување на депозити.