Во обраќање до нацијата, бугарскиот претседател, Румен Радев, официјално соопшти дека ја загубил довербата во Владата, затоа што не дејствувала во интeрес на граѓаните на Бугарија.
– Веќе три години ја повикувам Владата да работи одговорно и ефикасно во интерес на бугарските граѓани. Не го правев тоа како политички опонент, туку како шеф на државата, со мисла и грижа за иднината на Бугарија. За жал, тоа не се случи. Сега сме сведоци на голема криза во владеењето на сите нивоа – истакна Радев.
Претседателот оцени дека недостигот на волја за реформи и за борба против корупцијата, системското погазување на законите и моралот ја довеле Бугарија до парализа на целиот општествен систем и институции, што според него, е случај без преседан во бугарската историја.
Радев потсети дека жителите на Перник и на околината се оставени без вода, за што владиниот кабинет одбил да преземе политичка одговорност.
– Истрагите на странските медиуми и институции фрлија светло на управувањето со отпад и горењето странски отпад кај нас, што ги труе нашиот воздух и природа. Бугарија не е депонија и никој нема право да се коцка со здравјето на Бугарите со цел да профитира грст бизнисмени со државна заштита – критикува Радев.
Бугарскиот претседател, исто така, тврди дека Владата вршела притисок за реформа на Монетарниот одбор, за што Бугарите, според него, чекаат јасни објаснувања.
Како што истакна Радев, законодавството станало заложник на лоби интереси, а сиромаштијата и нееднаквоста се продлабочувале.
– Се тргува дури и со националниот суверенитет во име на лична политичка корист. Институциите што се повикани да бидат независни и да го поддржуваат законот, први го прекршуваат, станувајќи инструмент на власта. Државните органи си дозволуваат да ги заплашуваат неистомислениците и демонстрантите. Постои организиран напад врз граѓанските слободи. Оваа Влада и администрација води до пропаѓање на државноста и не лишува од нашата иднина како нација. На сето ова мора да се стави крај – потенцира Радев.
Претседателот им порача на своите сонародници дека во земјата немало веќе политичка поделба на леви и десни или престолнина и провинција, туку постојат само две групи на луѓе, корумпираната власт и милионите чесни Бугари.
– Во борбата за одбрана на нашите права, јас сум со вас. Иднината на Бугарија е слободна, европска земја во која граѓаните не се плашат од репресија, туку се потпираат на закон и морал. Повикувам на обединување заради правдата и државноста – за доброто на Бугарија – поентираше Радев.