Бугарија и Грција ќе подигнат споменик на Делчев во Баница, Македонија никој не ја споменува

Бугарија и Грција заеднички ќе подигнат споменик на Гоце Делчев во селото Баница каде што е убиен, најавија бугарските медиуми. Иницијативата доаѓа од грчката претседателка Катерина Сакеларопулу. Во овие договарања Бугарија и Грција со ништо не ја споменуваат Македонија, иако Делчев е водач на македонското револуционерно движење и наспроти фактот што неговите посмртни останки се наоѓаат во во Македонија, во нејзиниот главен град Скопје.

„Ќе ја поддржам иницијативата за подигање спомен плоча на Гоце Делчев во селото Баница во денешна Грција по повод 120-годишнината од неговото убиство, што ќе се случи во 2023 година“ -изјави бугарскиот претседател Радев.

„Бугарија и Грција ги оставија настрана сите противречности во минатото и во моментов се модел и пример за стратегиско партнерство и разбирање“ – додава бугарската држава.

„Не гледам проблем, Грција, која е суверена држава и се грижи за спомениците на нејзината територија, треба да даде можност за таков споменик, особено што Гоце Делчев е бранител на слободата на сите луѓе, без разлика во која земја живееле“ – рече Радев.

Некогашното македонско село Баница, или преименувано како Кариес, се наоѓа во регионот на Серес, во Егејска Македонија, во Северна Грција, и во него во 1903 година загинал македонскиот револуционер Гоце Делчев. Баница денеска речиси и да не постои.

Извор: “Eкспрес.мк”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.