По вчерашниот пожар во близина на оранжериите и типските куќи во Прилеп, не стивнуваат реакциите на граѓаните на социјалните мрежи. Гореше сува трева и само брзата интервенција на Територијалната противпожарна единица Прилеп – од каде патем интервенираа со четири возила, спречи огнот да не се прошири кон станбените објекти.
Граѓаните се гневни, велат ова не е прво лето и прв пожар во овој дел од градот, а за тоа постои и вина кај надлежните.
-Гори оти со години немате ништо преземено, горат оти еден трактор не пратите да ги изора напролет, горат оти не ги дадете под концесија на бавчанџиите, горат оти ВЕ БОЛИ дека куќи ќе изгорат. И после ќе трчате од човек на човек, од куќа на куќа пред избори – пишува на својот ФБ профил Пеце Дејаноски, кој како и многумина други вчера беше исплашен за својот семеен дом.
За среќа во целата огнена стихија не настана поголема материјална штета, но крајно време е надлежните да преземат мерки за заштита на граѓаните во овој дел од градот.