Кинапретстави воз со голема брзина маглев (кратенка за магнетна левитација) способен да развие брзина од 600 километри на час, објавија државните медиуми.
Максималната брзина го прави овој воз, кој Кина самата го развила и произвела во крајбрежниот град Кингдао, најбрзо копнено возило во светот, пренесуваат медиумите.
Возовите маглев лебдат на кратка оддалеченост од пругите користејќи магнети. Кина ја користи оваа технологија скоро две децении, но во многу ограничена мерка. Така, Шангај има воз маглев кој поврзува еден аеродром со тој град.
Засега во Кина нема меѓуградски линии маглев кои би се користеле со благодетите на технологијата, но некои градови, вклучително и Шангај и Ченгду, започнаа со истражување во таа насока.
Со брзина од 600 км на час, на возот би му требало само два и пол часа за пат од Пекинг до Шангај, а се работи за растојание од повеќе од 1000 километри. За споредба, патување со авион би траело три часа, а со воз со голема брзина пет и пол часа.
Возовите маглев се иднината и бројни земји од Јапонија до Германија планираат да изградат железнички мрежи маглев, што засега е отежнато со високите трошоци за таквата технологија и несовпаѓањето со постојната инфраструктура.