Реакциите за промена на името, за двојазичноста, за уништување на Македонската историја, за распродажбата на македонското, не стивнуваат последниве месеци. Очекувано, нормално, има многу луѓе кои можат да гледаат подалеку од своите џебови и алчност. Затоа и политичката машинерија се впушти во критики, лаги и измислици за мед и млеко во иднина.
Упорно со тоа „ќе“ во последниве 27 години, дојдовме до степен да треба да се распоредиме самите себеси. Ќе ги преименуваме гробовите на нашите предци, само затоа што ни ветуваат стабилност и сигурност, која и така е лажна и во пракса не е реална. Не треба да си посебно образуван или начитан, па ни надпросечно паметен за да го сватиш раздорот во НАТО пактот кој нема да заврши со добро. А тоа не е нешто што нас треба да не засегни.
Внатрешната политика, ако воопшто можи да се нарече внатрешна, не се ни грижи за се Македонското чувство. Го користат секој момент само за ситни политички поени, демонизираќи ги противниците. Онака политичко-курвински. А зад граѓанскиот грб си шепкаат, па тендерче, па амнестии, па обвини родољуби за тероризам, само затоа што се ‘рѓа во таа добро подмачкана машинерија (со евра наместо со масло, се разбира). И сето тоа во името на народот и светиот себичен џеб. А сега, за народот ни името.
Вакви или такви, расцепени разделени политички, барем Македонци.
Сега и тоа сакаат да ни го одземат. А како велат, раздели па владеј. Знам дека е пишувано, читано, кажувано и слушано илјадници пати, но никако да разбериме. Сите знаеме се, сите сме стручњаци во се, и никој не ги слуша оние што всушност посветиле години во изучување на одредени проблеми. Земете ја само историјата за пример. Не разделија, повторно политички, на „антиквизирани“ и словени, иако двете страни се во право.
Спаѓаме во таа Словенска група на јазици и култура, но тоа не не прави ништо помалку Македонци, зошто корените доаѓаат од порано. А и не сме единствени, Бугарите носат име кое потекнува од Азија, а се претставуваат како словени со словенска култура и јазик, Грците немаат ништо заедничко со големата античка Хеленска култура која е симбол на паганизмот, но сепак ја слават.
Тогаш што не прави нас „попаметни“? Ние сме едно исто, а тоа е Македонци. А борбата низ вековите останала за едно исто, во име на Филип II, Александар III Македонски, Цар Самоил, за великаните да се направи автономна држава Македонија, како матична земја на Македонците, каде ќе живеат во мир со малцинствата.
За тоа се бореле Илинденците. Никој од нив не рекол за Северна, Вардарска, или било каква Македонија. Само за Македонија. Тоа е аманетот кој го оставиле, а го испочитувале АСНОМ-ци. За тоа гласале и моите родители 1991 година, а под тоа име загинаја и бранителите во конфликтот 2001 година. Никој од нив не лежел по затвори, не се криел по планините, гинел за Северна Македонија, туку за Македонија.
А сеуште ќе се обидуваат да го протнат „зацврстувањето на идентитетот“ кое всушност е само раздор. Ни еден народ, ни една нација не се откажува од своите малцинства во соседните земји и во целиот свет, зошто и тие се дел од идентитетот. Посебно за нас, „создадените“ од Тито- ако нас не создал Тито вештачки (со магично стапче), кој ги создаде Македонските малцинства низ целиот свет? Посебно оние од Грција и Бугарија каде ден денешен се угнетувани (уште еден од доказите дека не е се’ розово во НАТО и ЕУ)? Тоа е првиот удар на нашиот идентитет.
Вториот удар е националноста. Да не се лажеме, повеќе нема да бидиме Македонци, туку името на нашата нација ќе биди Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија. Уште една алатка за нашите соседи да не негираат.
Бугарската историографија веќе се правда дека секаде каде што е споменато Македонија/Македонец се мисли на географска одредница, а не на етничка или национална. Така се разорува нашата националност и се става под прашалинк воопшто постоењето на нашата нација, зошто граѓанин на Република Северна Македонија ќе бидат и малцинствата. Тоа е маестрален потег од страна на Грчката дипломатија, стапица во која се фатија некои Македонци.
Ние ја имавме таа среќа да знаеме што сме, да се нарекуваме Македонци колку што можеме, со сето угнетување што се случува. Но, што правиме со нашите деца, а посебно со нашите внуци? Државноста ја носи националноста (но, не и етникумот), па нема да биди ни чудно со сето чистење на учебници, симболи и така натаму, да се нарекуваат Северномакедонци или пак Македонци, на кои нема да му биде дозволено да се искажат што се’. Или можеби ќе се нарекуваат М/ГРСМ за скратено?
И како ќе му одговориме, зошто тие се Северно Македонци или пак Македонци/граѓани на Република Северна Македонија, а нашите предци секаде се пишувале како Македонци?
За Александар Македонски, Филип II и сите останати до Илинден, нема ни да треба да му кажуваме зошто ќе бидат се’ освен Македонци. И во право се кога велат дека ние ќе останеме Македонци и покрај името. Нашите деца, внуци и останати идни поколенија се тие кои нема да бидат Македонци. Тука е таа двосмисленост.
А сега пак и не убедуваат да излеземе, да се искажеме што сме мислеле. Онака само да не прашаат консултативно, не дека нашиот збор ќе биде вреднат кога конците ги влечат од надвор. Ама дозволивме да дојде до овој степен, па не можеме да кривиме никој друг освен самите себеси.
Се знае дека ќе го фалсификуваат референдумот. Му требаат само 50%+1 за тоа. Нема да биде ни прв ни последен. Демократијата умре уште кога гласаа со кревање на рака како што се гласало пред 2000 години во „демократска“ Атина. Си обезбедија целосна контрола над институциите за контрола на гласањето и пропагандата.
Затоа не треба да се излезе на референдум за името. Не треба ни воопшто да има референдум зошто ние веќе знаеме што сме. МАКЕДОНЦИ. И тоа горди. Не треба да не прашува никој како сакаме да се викаме зошто сите живееме за Македонија, а ги славиме оние што го дале својот живот за тоа име.
Затоа и треба да се БОЈКОТИРА. Тоа ќе биди нашиот глас кон светот дека ние не сакаме преговори, разговори или договори за нашето име. Заборавете ги партиите. Тие постојат за Македонија а не Македонија за нив. Македонија е над сите политички и економски определби. Ние немаме никаков проблем со нашето името, си го сакаме онакво какво што си е со сите придобивки и мани.
А тие што имаат проблем со нашето име, тие се тие кои треба да си бараат решение за нивниот проблем, без притоа да не плеткаат нас во нивните идиотштини.
Христијан Михајлоски
Студент на Институтот за Историја