Божиќен базар по германски пример во центарот на Прилеп – Игри, песни, украси, ракотворби… и сето тоа бесплатно, од деца за деца

Здружението на наставници по германски јазик – MKDV и Гете-институт Скопје, во соработка со училиштата од Општина Прилеп, го организираат Божиќниот базар по германски пример, кој оваа година ќе се одржи на 15 декември 2025 година (понеделник) од 12:30 до 14:30 часот, на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“ во Прилеп.

Настанот е поддржан од Општина Прилеп. Базарот ја носи магијата на традиционалните германски Божиќни пазари директно во нашата општина. Учениците љубители на германскиот јазик и култура од основните и средните училишта од Прилеп, но и од други градови низ Македонија, ќе ја доловат оваа празнична атмосфера преку игри, песни, новогодишни украси, ракотворби и богата празнична храна. И сето тоа се разбира бесплатно, од деца за деца.

Програма на настанот:

12:30 – 13:30

Културно-уметничка програма на германски јазик со настапи на ученици од основните училишта во Прилеп, како и учество на најмалечките од градинката „Вишне“ и приватната градинка „Ројал Кидс Хаус“.

13:30 – 14:30

Посета на штандовите, интерактивни едукативни работилници и дружење со учениците. Секој посетител ќе може да научи нови зборови на германски јазик, да понесе ново искуство и да се приклучи кон хуманитарниот дух на настанот.

Одржливоста на овој настан се огледува во неговата едукативна вредност и хуманитарен карактер. Целта е секој посетител, дете или возрасен, да може да стекне ново знаење, да развие емпатија и да ја почувствува убавината на германската култура преку непосредно искуство.

Настанот е поддржан од повеќе општествено одговорни компании кои ќе учествуваат со свои производи, како и од партнер-училиштата и институциите што континуирано ја промовираат германската култура и јазик во нашата земја.

Прилеп и оваа година ќе заблеска во празничен дух, со креативност, знаење и хуманост од најмладите.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.