Божик не е руска салата!

Кога Христос се воплоти и за прв пат дојде меѓу своите чеда, своите не го препознаа, веројатно, затоа што не дошол на начин каков што „своите“ очекувале. И, „своите“ пропуштија шанса … шанса за вечноста.

Сепак, Христос не престана да им дава и други шанси на „своите“, да се овоплотува и, пак и пак, да доаѓа меѓу нас. Секој Божик доаѓа и непрестајно не’ повикува да се сеќаваме, не’ повикува да се присетиме на Бога и, да Му се вратиме.

За жал, чинам дека и после повеќе од две илјади години, пак и пак, не Го препознаваме Христа. Ниту како поединци, ниту како народ. Постојано најдуваме некакви оправдувања, немаме време, па виновен ни е овој или оној … И тоа е нашата трагедија.

Впрочем, дали воопшто ќе го доживееме раѓањето на Спасителот во Божикната ноќ или тој момент целосно ќе го пропуштиме и ќе ни „побегне“ во празничното“ шаренило!? Дали овие денови, ја разбираме суштината на Божик или се само неработни денови во годината? Дали сме подготвени за уште едно раѓање на Спасителот? Дали правилно се подготвивме за Божик? Дали постевме, се молевме или многу утра ги преспавме и прескокнавме служби, исповеди? Дали на божиќната Литургија ќе се причестиме (соединиме) со Богомладенецот?

За жал, според се’, Божик на многумина им е сосема доволен и без новородениот Исус. Токму така! А знаете ли зошто? Затоа што сè уште не сме ја разбрале суштината на Божик. Божик, драги мои, не е руска салата, колачи или торти чии имиња не ни ги знаеме; не е ниту предбожикното коледарско палење оган, печењето колбаси и неконтролираното пиење алкохол; не е ниту претераното трошење и купување; не е ниту во преполната бадникова или божикна трпеза (иако, за волја на вистината, тоа во Македонија е ретко видена слика), ниту во подарувањето парфеми, мобилни телефони, и други подароци.

Божик е да се биде пријател, да се биде добар сосед. Божик е кога болниот, босиот, гладниот, напатениот … нашиот ближен, може да смета на нас. Божик е кога си подаруваме љубов. Зашто, и покрај сиот луксуз, многумина се гладни за таа љубов. Од тоа што го имаме треба да им дадеме на оние што немаат. Тоа ќе го нахрани срцето, а не стомакот. Тоа ќе го разубави нашиот и нивниот Божик повеќе од кој било специјалитет. Затоа да даруваме, ама пред се’, да даруваме љубов, зашто љубејќи го ближниот, го љубиме Христа кој вели: „Вистина ви велам: доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за мене сте го направиле (Мт. 25.40).“

Затоа, Божик не е само повик за сеќавање и радост ами и повик за пружање љубов кон луѓето околу нас, зашто човекот, не само од љубов е создаден, ами и за љубов.

Па така, драги мои, да ги исполнеме срцата со љубов и да го возљубиме Христа Бога во нашите ближни!
И не, оваа порака не е задоцнета, зашто Божик не е само ноќва и во текот на утрешниот ден, ами може да биде во текот на целата година. Љубовта кон Исус и нашиот ближен не е ограничена само на еден ден во годината. Божк е можен и во други денови. Тоа е раѓањето на Христос во мене, овде, сега и денес. Секој момент кога моето срце ќе биде негови јасли!

Драги мои, светлината божиќна да не’ осени со благословот од Богомладенецот и заедно со нашите семејства, роднини, пријатели, домови и сите ближни, да не дарува со мир, добра волја, здравје и љубов, љубов, љубов …
Со овие молитви ви посакувам среќни Божикни празници!

За многу години Македонци! ХРИСТОС СЕ РОДИ!

в.д. старешина на храмот Св. Петка – Точила, Протоереј Љупче Петрески




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.